Германската канцеларка Ангела Меркел ја опиша кризата со еврото како „безизлезна“. Кога опцијата за излез на Грција од евро-зоната беше на маса претходно, Меркел целосно ја исклучи таквата можност и јасно нагласи дека едно е сигурно: последиците се неизвесни, а ризикот – преголем. Сега се чини дека таквиот став се промени. Според информации на „Шпигел“, за Канцеларката од ЦДУ и нејзината Голема коалиција опцијата „Гризлез“ (излез на Грција) сега е целосно прифатлива. Аргументите се следните: останатите земји кој кои имаше опасност од криза – Португалија и Ирска – веќе се рехабилитирани, а и Кипар веќе е на прав пат, со што повторно е воспоставена стабилноста во евро-зоната.
И кабинетот на Канцеларката и Сојузното министерство за финансии на само неколку недели пред парламентарните избори, закажани за 25 јануари упатија порака до Грција, каде што до сега владееше конзервативецот Антонис Самарас. Најверојатно негов наследник ќе биде Алексис Ципрас од левоориентираната „Сириза“. Пораката до него е: „Не можете сè да си дозволите. Во никаков случај Берлин нема да прифати Ципрас да ги укине мерките за штедење во земјата“. Овој потег веќе го поздрави германската партија АФД, која отсекогаш „навивала“ за исклучување на Грција.
Пораката е: И без Грција се може!
Официјалниот став е дека Грција мора да ги исполни своите договорни обврски, изјави во неделата гласноговорникот на Владата и Сојузното министерство за финансии. Но, тоа би можело да предизвика последици: сепак, и без Грција се може.
Буџетскиот експерт на ЦДУ, Ралф Бринкхаус, појасни:
– Никој не сака Грција да излезе од евро-зоната. Но, едно е јасно: Ниту една нова грчка влада нема да добие никаков специјален попуст. Излезот не само што ќе ги чини пари, туку и четирите години на макотрпни реформи ќе бидат залудни. Мислам дека народот во Грција веќе го чувствува тоа и токму затоа на крајот нема да изгласа мнозинство на ниту една левичарска популистичка партија – изјави експертот од ЦДУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


