| четврток, 6 декември 2018 |

Спекулативна историја (1)

Ацо Станковски

Ацо Станковски

Се сеќавате ли на онаа стара ментална игра – што би било, кога би било? Е токму во суштината на оваа чудесна игра е сиот потенцијал на нашата инвентивност, на нашата способност за планирање, на нашите имагинативни способности. Оваа моќ да се прекогнира и претпоставува е најголемата доблест за сите оние кои се бават со уметноста или, пак, со шахот. Токму со сите оние умствени дисциплини кои бараат силна визија, но и знаења, дури и енциклопедистички знаења, како и силен аналитички дух можеме да создаваме нови виртуелни и претпоставени светови кои никогаш не се случиле во оваа наша детерминирана реалност, а можеле да се случат. Како на пример, што е и како се остварува книжевниот жанр на научната фантастика, која одреден квантум посветеници и експерти повеќе милуваат да ја нарекуваат „спекулативна наука“, а тоа го прават со полно право, ако потемелно се зафатите со промислувањето на овој, и уметнички, и научен феномен. Од историјата на овој книжевен вид ќе видиме дека најдобрите писатели на научната фантастика биле творци со исклучителна ерудиција од областа на науките. Спекулативноста, пак, е дар од музите, покровителките на наративните уметности.

Од друга страна, пак, постојат и други зони на научен интерес, кои потешко влегуваат во симбиоза со спекулативните потенцијали на аспирантите. Тука не говорам само за егзактните науки, каде спекулацијата е само отклонување на вистинскиот интерес, туку и навестува вистински дебакл на методологијата, но и телеологијата на одредената дејност. Во егзактните науки преголемите дози на импровизирање и претпоставки можат да го загрозат предметот на мисловната активност и да го воведат во хаотични зони, што е сосем неприфатливо за сите сериозни експерти посветени на оваа област. Дури и терминот „весела математика“ е показател за сосема погрешно, импровизантско и непотребно деградирање на научната вистина на математиката. Секако, оваа дефиниција е сосема поразлична од онаа на средновековните и раноренесансните трубадури, кои под терминот „весела наука“ подразбираа нешто сосема друго, дијаметрално спротивставено на нереалната и ентрописка „безсодржинска и залудна „весела математика“.

Исто така нема претпоставен простор за импровизации со историјата, без оглед дали се работи за политичката историја, историјата на уметноста или, пак, историјата на човековиот развиток. Без оглед на сè, сите науки и сите евидентирани дејствија во природата и општеството на крајот ќе се компримираат во една специфична историја. Дури и математиката има свој историјат и кога некој ја проучува математиката или, пак, физиката, на пример, истиот тој ум ја проучува нивната историја. Всушност, сите можни знаења го имаат во себе факторот на континуитетот и историјата.

Затоа и со големо двоумење влегувам во овој мал мисловен експеримент, наречен – „спекулативна историја“. Не дека вакви обиди не биле предмет на човековите активности, сетете се само на феноменот на „футурологијата“, каде сериозни експерти од науката и филозофијата се бават со можните движења на природните и општествените аспекти во иднина. Секако, ваквите проекти можат да бидат од исклучително значење за човештвото. Она што во древни времиња го правеле маговите и пророците, денес го прават научниците футуролозите.

А сега би сакал да се „поиграме“ малку со можностите на „спекулативната историја“, која е илузорна, но инаугурира цел еден спектар од паралелни реалности, нималку занемарливи или, пак, неинтересни. Еве, да тргнеме од некаде, на пример, од 1948 година, кога Маршалот Тито му го рече историското „Не“ на големиот советски водач – Генералисимусот Сталин.

За нас ова историско – Не (на грчки – да) беше најкобната можна разврска за македонското прашање. Токму ова „не“ на Маршалот, кој веќе итро и тивко излезе од Коминтерната и се фати со Англоамериканците, ја раскина македонската држава и народ. Така, иако Советите ја ослободија југословенската држава (освен македонската етничка територија, која за разлика од другите делови на Југославија се ослободи самата, покажувајќи висок степен на национален патриотизам и морални доблести) опортунистичкиот и наводно – демократскиот ум на Тито веднаш им сврти грб и од советски сојузник, прекуноќ се претвори во слуга на империјализмот, кој ама баш никако не помогна во Народноослободителната војна на јужнословенските народи. Секако, еден поголем број од овие народи, како Бугарите, Хрватите, Словенците, Босанците (делумно Србите) за време на Третиот Рајх беа конституирани како нацистички независни држави или, пак, протекторати со своја пронацистичка управувачка елита под покровителство на Фирерот. Истото се однесува и на околните несловенски народи и држави, како Грција, Албанија, Романија и Унгарија (барем што се однесува до регионов). И така итриот и превртлив Маршал Тито ја гризна раката која го хранеше и штитеше, за да не заврши како болен мајмун во некој од кафезите на зоолошката градина на непријателите на Рајхот. Наместо фала на Сталина, еве ти го загорскиот жиголо под здолништето на англиската кралица. И уште му зарива нож во грбот на големимот пролетерски водач и апсолуитниот победник во Втората светска војна.

Но овој феномен не нè ни интересира многу, нас, Македонците. И така имаме исклучително лоши искуства со Русија, а пропо нашето национално прашање. Но со Советите беше поинаку. (продолжува)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top