| четврток, 6 декември 2018 |

Сообраќајот отежнат, забрани за камиони на дел од патиштата

sneg straza april
Сообраќајот на сите државни патишта во Македонија се одвива отежнато и во зимски услови, со остатоци од снег по коловозите. Поради ниските температури во утринските часови се забележува појава на голомразица, соопштува Автомотосојузот на Македонија.

Забрани за сообраќај на тешки товарни возила има на патниот правец Гостивар – крак Маврово – Дебар – Струга, како и на планинските премини Стража, Буково и Пресека. Забраната за движење на планинскиот премин Пресека важи и за автобуси.

Патниот правец Кичево-Охрид-Кичево беше во прекин за сите видови моторни возила ноќеска од 23 часот до 2 часот изутрината. Возилата кои сообраќаа од Охрид кон Скопје се пренасочуваа на патниот правец Охрид-Ресен-Битол-Демир Хисар-Кичево, а пренасочувањето на оние кои сообраќаа од Скопје кон Охрид беше на патниот правец Кичево-Демир Хисар-Битола-Охрид.

АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење на отежнатите услови за сообраќај и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, каде е можна почеста појава на одрони.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top