| четврток, 6 декември 2018 |

Прв случај на ебола регистриран во Шкотска

Една медицинска сестра од Глазгов, која штотуку се вратила од Западна Африка, е заболена од вирусот на ебола, соопштија здравствените власти во Шкотска.

Заболената жена, која е болничарка во британското државна здравство (НХС) е итно префрлена во изолација, во болницата во Глазгов, а властите почнаа потрага по сите нејзини контакти што таа ги имала на патот од Сиера Леоне до дома.

Засега е утврдено дека таа од оваа западно- африканска земја до Глазгов допатувала преку лондонскиот аеродром Хитроу. При враќањето во Шкотска, заболената имала контакт со друга медицинска сестра, па таа сега е ставена под специјална опсервација за да се види дали и таа е заразена.

Британскиот министер за здравство Џереми Хант изјави дека заболената медицинска сестра ќе биде префрлена на лекување во една специјализирана медицинска установа во Лондон. Станува збор за специјализираната единица во која беше примен, лекуван и излекуван првиот Британец заболен од ебола, младиот болничар Вилијам Пули, кој како доброволец се зарази со смртоносниот вирус во Западна Африка.

Министерот Хант изјави дека британската влада вложува „максимални напори и прави сè што е потребно“ за да се спречи навлегување на еболата во Велика Британија.

Првиот министер на Шкотска Никола Старџен изјави во Единбург дека јавноста не треба да стравува од првиот случај на ебола на шкотската територија.

– Опасноста за пошироката јавност и за раширување на заразата е исклучително мала – рече Старџен.

Заболената пациентка во Глазгов била стационирана во Кери Таун во Сиера Леоне, како дел од екипата на хуманитарната организација „Спасете ги децата“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top