| четврток, 6 декември 2018 |

Политика за утре

Тимчо Муцунски

Тимчо Муцунски, докторанд на Правниот факултет „Јустинијан Први“

Оние држави во светот кои имаат развиени демократии и пазарни економии историски и во континуитет најдолго ги применуваат економските принципи на умерен и рамномерен развој, соодветно користење на човековите и природни ресурси и реална примена на пазарните законитости. Во тој контекст се сеќавам на анегдотата на еден истакнат пратеник во Парламентот на Кралството Шведска, кој на мене и на група млади луѓе од нашиот регион неодамна ни објаснуваше зошто Шведска во подолг временски период од својата историја сѐ до ден-денес е земја која според сите критериуми е успешна и развиена. Имено, зборуваше за времето кога Шведска последен пат кога била во воен конфликт со својот сосед Данска, навраќајќи се на времето од пред околу 250 години. Во тој период, властите утврдиле дека успешноста на Шведска во евентуалните понатамошни воени конфликти, пред сѐ, ќе зависи од силата на нејзината морнарица. За остварување на наведената цел тогашната централна власт му наложила на државното претпријатие, кое имало одговорност за одржување на шумите, веднаш да пристапи кон садење специфични дрвца кои во иднина би биле користени за изградба на квалитетни воени бродови (не заборавајќи дека во тоа време градбата на бродовите зависела исклучиво од поседувањето квалитетен дрвен материјал). Според кажувањето на пратеникот, интересно е тоа што следело децении подоцна, односно кога пред околу 10 години претпријатието за шуми упатило писмо до централните власти, со кое им соопштило дека нивните дрвја се израснати и подготвени за соодветно користење (градба на бродови). Анегдотата тој ја искористи во правец на укажување дека управувањето држава непосредно е зависно од постоењето конзистентни политики, а истите тие на долг рок мора да имаат цел решавање на актуелните прашања на државата и на граѓаните, независно од тоа кој управува со власта, а кој е во опозиција.

Кога Владата на Република Македонија во 2006 година одлучи да преземе конкретни мерки за засилување на промоцијата на Република Македонија, како земја поволна за странски инвеститори, истата политика беше пресретната со голем број несоодветни и неаргументирани негативни критики. Одредени критичари тогаш тврдеа дека бесцелно се трошат средства и време на непотребни активности и дека ниту една сериозна глобална корпорација нема да инвестира во нашата земја. До овој момент, наведената политика обезбеди повеќе од 11.000 работни места, а со голема веројатност веќе може да се каже дека во наредниот период ќе следи отворање дополнителни 13.000 нови работни места. Тоа значи дека преку таквата долгорочна визија, која вклучува хоризонтална и вертикална координација на голем број институции во нашата земја, за брзо време ќе бидат обезбедени најмалку 24.000 работни места, кои остварувања без сериозно извршените реформи и ангажман на Владата на Република Македонија сигурно не би биле можни. Неспорно е дека секој има право на соодветна критика, но истовремено е неспорно дека истите тие критичари во моментот на упатените приговори со сигурност не успеале да ја перципираат целисходноста на предложените мерки и преземени активности и посебно оние кои се непосредно поврзани со процесот на привлекување директни странски инвестиции.

Во сличен контекст, често се слушаат упатените критички тонови и против најголемиот број од активните мерки на Владата за стимулирање нови мали и средни претпријатија, преку посебните фондови за самовработување и поттикнувањето на вработување лица под 29 години, управувани од страна на Агенцијата за вработување на Република Македонија. Практиката покажа дека токму преку спроведување на наведените политики, за период од само една година се вработени повеќе од 6.000 лица под 29 години, што е сериозен и охрабрувачки статистички показател.

Република Македонија е земја која веќе подолг период има стабилна политичко-безбедносна ситуација која како таква е позитивно оценета во рамките на последните извештаи на Европската комисија и на НАТО, а кои се однесуваат на нашиот напредок во рамките на евроатлантските интеграциски процеси. Од економска перспектива, нашата земја има стабилна макроекономска, монетарна и финансиска политика и индикатори кои овозможуваат реализација на сериозни инвестиции во националната патна и железничка инфраструктура. Од социјална гледна точка, сведоци сме на голем број вработувања, како и подобрувањето на статусот на пензионерите, лицата приматели на социјална помош и посебно ранливите групи граѓани. Исто така, и нашиот здравствен систем постојано е подложен на сериозни и современи реформи, истовремено користејќи ги сите техники на современата медицина, а кои до пред неколку години единствено можеа да бидат обезбедат надвор од границите на државата.

Фактите секојпат се во прилог на веродостојното докажување на вистината. Целта на секоја добра и умерена политика не е освојување краткорочен политички плен, туку нејзината целисходност би требала да биде преточена во непречен и долгорочен развој на државата. Тие што не се подготвени и не можат да создадат подобра идеја, најчесто практикуваат да ги извртуваат во негативна насока дури и целите на добрите политики. Граѓаните на Република Македонија посебно знаат да ја почувствуваат, препознаат и направат вистинската разлика, тие умеат да ја дадат вистинска оценка за секое реално остварување и постигнат забележителен успех на сопствената, но и на меѓународната сцена.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top