| четврток, 6 декември 2018 |

Патот Кичево ­- Охрид не е целосно прооден, но нема завеани возила и луѓе

­ На патот Кичево ­- Охрид нема завеани возила со луѓе, односно сите се евакуирани во текот на вчерашниот ден. Во моментов се чисти теренот и ќе бидат отстранети сите возила што се на патот, информира министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

По состанокот на Кризниот штаб што утрово се одржа во Министерството за транспорт и врски поради снежното невреме, Јанакиески информира дека патниот правец од Скопје кон Велес е прооден и отстрането е возилото што вчера беше превртено на автопатот.
­

Патниот правец Кичево -­ Охрид не е целосно прооден, има неколку возила, пред сѐ, тешки товарни возила, но луѓето се евакуирани. Во моментов се чисти теренот со повеќе машини и ќе бидат отстранети сите возила што се на патот, истакна Јанакиески.

Најави дека ќе замине на овој патен правец и ќе ги посети Охрид, Кичево и Струга бидејќи овој регион во моментов е најзафатен од невремето.

До сабота не се очекуваат обилни врнежи од снег, но следува студено време до минус 20 степени.

МЕПСО и ЕВН имаат проблеми со напојување на електрична енергија на охридскиот и на струшкиот регион и околината на Ресен.
­

– Од информациите што ги добивме од МЕПСО се работи на терен и очекуваме за час до два системот да биде стабилен, а за три до четири часа населените места да добијат струја – изјави Јанакиески.

Тој ги повика граѓаните сите информации и проблеми да ги доставуваат на бесплатниот број 195 во ЦУК каде ќе биде зголемен капацитетот на отворени линии, а доколку има какви било проблеми на патиштата да пријават на 196 во Авто­мото сојузот на Македонија.

Упати апел до локалните самоуправи активно да ги вклучат своите капацитети и да пристапат кон чистење на локалните патишта, а доколку немаат капацитети да се обратат до Дирекцијата за заштита и спасување.
­

– Во соработка со Црвениот крст подготвени се околу 500 пакети доколку има потреба, а Агенцијата за стокови резерви во соработка со Министерството за здравство прави пакети со лекови да се подготвиме доколку настане поголемо невреме посебно за викендот што следува – додаде Јанакиески.

На состанокот на Кризниот штаб, покрај министерот Јанакиески, присуствувал и министерот за одбрана, Зоран Јолески, претставници на МВР, ЕВН, Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top