
Снегот што од вчера ја зафати Македонија формира снежна покривка од 69 сантиметри во Маврово, во Пожаране 51, Крушево 45, Тетово 36, Охрид 29, Тополчани 27, Ѓуриште 18, Прилеп 17, Скопје и Претор 16, Крива Паланка и Куманово 10 и во Битола од седум сантиметри.
Според информациите од Управата за хридрометеоролошки работи, врнежите од снег во претпладнево ќе бидат со променлив интензитет и во текот на денот постепено ќе престануваат.
Студената воздушна маса која се спушта од север ќе услови променливо облачно и студено време. Ќе има појава на голомразица и ќе дува умерен на повеќе места засилен северен ветер. Дневната температура ќе опаѓа и ќе биде во интервалот од -2 до 3 степени.
Утрово најниска температура е забележана во Маврово – 7 и во Крушево – 6. Во Скопје се измерени – 2, а над нула е само во Гевгелија со 4 степени.
Студеното време ќе продолжи и во наредните денови. Минималната температура утре ќе достигне – 16, задутре – 15 и на 1 јануари – 14 степени. И дневните температури нема да ја надминат нулата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


