| четврток, 6 декември 2018 |

Владата ќе им плати речиси половина милион евра на земјоделците

poplava-2

Владата ќе им помогне на несреќните земјоделци што претрпеа големи штети од неодамнешните поплави со 30 милиони денари, односно 487.000 евра, изјави Александар Ѓорѓиев, портпарол на Владата.

Ова, сепак, е само 30 проценти од вкупната проценета штета.

– Отштета ќе добијат и регистрираните и нерегистрираните зејмоделци, кои се околу 10 проценти од оштетените – рече Ѓорѓиев.

Планирано е неколку десетици регистрирани земјоделски производители да добијат сточна храна, и тоа по 750 килограми пченка и 12 тони јачмен од стоковите резерви. Во текот, пак, на наредниот месец ќе биде распишан оглас за доделување државно земјоделско земјиште во обем од 850 хектари наменети за производство на сточна храна, а  планирано е да се направи и хемиска и бактериолошка анализа на почвата што беше зафатена од поплавите.

Според процените направени од комисиите, штети на земјоделските посеви претрпеле 2.000 земјоделци. Најголем дел од нив се во Струмичко – 1.640, по што следуваат Радовишко 180, Богданци – Гевгелија 100, Штип 50, Велес 25 и Кочани 15. Во Битола целокупната штета е предизвикана на земјоделски комбинат, а во Ресен и во Валандово биле поплавени земјишта со насади, но не настанала штета.

По култури, најголема штета има кај зелката – 40 милиони денари (650.000 евра), доматот – 25 милиони денари (406.000 евра), краставицата – 11 милиони денари (178.000 евра), луцерката – 6 милиони денари (97.000 евра), пченицата – 5 милиони денари (81.000 евра), пиперот – 3 милиони денари (49.000 евра) и компирот и марулата по еден милион денари (16.200 евра).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top