Во издание на „Македоника литера“ од Скопје неодамна од печат излезе научната монографија „Македонскиот 19 век“ од Горан Калоѓера, еминентен македонист од Хрватска, а во превод од хрватски јазик на Славчо Ковилоски.
Во книгата, која првпат беше објавена во Риека во 2011 година, академик Горан Калоѓера низ четири поглавја ги проучува културата и литературата во 19 век во Македонија. Пишува за школството, за јазичното прашање, за печатниците, библиотеките, читалниците, музичкиот живот, за 20-ина автори, меѓу кои се и браќата Миладиновци, Григор Прличев, Јордан Хаџи Константинов Џинот, Рајко Жинзифов, Крсте Петков Мисирков, Кузман Шапкарев, Партениј Зографски, браќата Петкович. Всушност, во овој научен труд се проследени: геополитичката состојба, стопанските и политичките услови, школството, прашањето за јазикот, библиотеките, читалиштата, музичкиот живот, туѓите пропаганди, резултатите од првиот преродбенски период, книжевната дејност, потрагата по националниот идентитет, елинизмот и егзархиската пропаганда, пробугарската ориентација на дел од македонската популација, борбата на Македонците против Цариградската патријаршија, меценската дејност на трговските фамилии, националното будење на македонските градови и општини, судирите со Бугарската егзархија, унијатското движење, револуционерните движења, поддршката на академските кругови на македонското прашање, обидот за обнова на Охридската архиепископија, сепаратистите, врховистите, предилинденскиот период, народното и книжевното творештво, низатакнижевници, учебникари и револуционери.
Валентина Миронска Христовска во поговорот на книгата пишува;
„Во книгата Македонскиот 19 век Калоѓера сумирано ги проследил клучните настани, процеси и личности од 19 век, векот во кој се вплеткани двата конца на македонската песна: црвениот – преродбата и црниот – отворањето на македонското прашање. Тоа се, всушност, нашите две судбински нешта, бидејќи од нив, од една страна, извираат најдиректните потврди за македонскиот идентитет, а од друга, тие сè уште се предмет на оспорувања од нашите соседи. Па токму поради тоа, поради комплексноста на овој период, го издвојувам местото на оваа книга која го потврдува ангажманот на македонистот Горан Калоѓера, од немакедонско потекло, што така посветено се занимава со овој период, при што цврсто и јасно го застапува македонското гледиште од и за 19 век.“
„Оваа книга е ретка и несекојдневна, бидејќи по својот концепт е вистинска историја на македонскиот 19 век“, ја оценува Васил Тоциновски во рецензијата.
„Периодот на 19 век во Македонија, пишува Калоѓера, отсекогаш сум го сметал за најживописниот, најдинамичниот и најбруталниот период во историјата на македонскиот народ. Токму поради тоа му посветив и најмногу внимание како книжевен историчар, осврнувајќи се во своите дела и книги на некои од најинтересните личности од овој период, вклучувајќи ја и нивната книжевна работа… Овој период е од витална важност за опстојувањето на Македонците како народ и … најважните потези по прашањето на црковната автономија, решавањето на јазичното прашање, националната освестеност, културното и книжевно дејствување, вклучувајќи ги и движењата за организирано востание против Турците, почнале да се случуваат токму во 19 век.“
Горан Калоѓера во своето научно дело дава висока оценка за македонските автори и интелектуалци од 19 век:
„Во Македонија, за жал, недоволно храбро се проучуваат и се вреднуваат книжевните автори од 19 век. Сите значајни работи што се случиле подоцна водат корени токму од овој период. Токму затоа треба да се каже дека луѓето кои работеле, пишувале во 19 век, не биле полуписмени, безначајни учители, туку врвни интелектуалци на своето време. Тогаш, исто како што француските, англиските и руските автори пишувале патописи, новели, романи, истите тие форми биле реализирани и од македонските автори во 19 век. Навистина, не на македонски литературен јазик, кој подоцна бил нормиран, но на говорот што бил користен во Македонија“, пишува Калоѓера.
Горан Калоѓера (1951, Дубровник – Хрватска) е книжевен историчар, професор на Филолошкиот факултет во Риека. Тој е раководител на Катедрата за македонски јазик при истиот факултет, а е основач на лекторатот по македонски јазик во Риека. Бил декан на Педагошкиот и на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Риека. Надворешен член е на Македонската академија на науките и уметностите и надворешен член на Друштвото на писателите на Македонија. Тој е почесен конзул на Република Македонија во Хрватска и почесен доктор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Добитник е на повеќе награди и признанија, од кои неколку доделени во Република Македонија. Меѓу другите, добитник е на медалот за заслуга за Македонија, на медалот „Свети Климент Охридски“, како и на Почесното Рациново признание за ширење на македонската култура и литература надвор од границите на земјата. Калоѓера е меѓу најзначајните македонисти во светот, посебно во областа на литературата, автор е на триесетина дела, од кои половината се поврзани со Македонија. Неговите книги се од подрачјата на хрватската и македонската книжевност: „Хрватско-македонски литературни врски“ (1988, второ дополнето издание во 1996), „Книжевник во сенка“ (монографија за Ј. Е. Томиќ, 1996), „Хрватското стихотворство на островот Корчула“ (антологија/студија), „Корчулански пера“ (лексикон, 2003), „Бележити корчулани“ (1995), „Јужнословенски книжевни проткајувања“ (1991), „Рацин во Хрватска“ (2000), „Компаративни македонско-хрватски студии“ (2000), „Осврти“ (2004), „Од книжевното наследство на островот Корчула“ (1994), „Браќата Миладиновци – легeнда и стварност“ (2001), „Македонско-хрватски врски“ (2006), „Корчула која повеќе ја нема“ (2005), „Препознавања“ (2007), „Братинското стихотворство во градот Корчула“ (1998), „Младата Риека во стих“ (1997), „Прилози за истражување на македонската книжевна историја“ (2009). На македонски јазик му се преведени книгите: „Браќата Миладиновци – легенда и стварност“ и „Хрватско-македонски литературни врски“. Автор е на преку стотина научни трудови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Промоција на книгата „Конзерваторско-реставраторски методи и третмани на Охридската збирка икони“од Ангелина Поповска
-
Промоција на книга раскази за Ново маало од Владимир Плавевски
-
Промоција на книгата „Љубовта на Генерал Ш“ од Лира Бојку во Паркот на книгите
-
Промоција на збирката раскази „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало“ од Владимир Плавевски