
Симона Јандревска, Практикант во “Регионален Менаџмент”, Deutsche Bank AG Франкфурт, Германија
Чекорејќи со забавен од и грижливо акумулирано трпение кон крајот на 2014 година, со цел да влеземе сигурно и слободно во Новата, корисно е да направиме една кратка ретроспектива на сите побитни настани кои влијаеле нас за да го анализираме нивното присуство. Ако пак тоа се обидеме да го сториме во сферата на една од најгорливо дискутираните теми – демократијата, секогаш пред нас ќе постои прашањето дали грижата за демократијата во рамки на едно општество е проследена со симптоми на хипохондрија или, напротив, целосно е запоставена? Какви демократски сценарија ни приреди 2014 година?
Гледано на глобално ниво, Индонезија, Бразил, Турција, Романија, а и Македонија спроведоа претседателски избори. Унгарија, Јужна Африка, Индија, Шведска, САД спроведоа парламентарни избори, додека, пак, во Египет, Швајцарија, Шкотска и Каталонија беа одржани референдуми со цел изразување став поинаков од постојниот. Наспроти легитимните избори и алатки за негување на демократијата, 2014 година нѐ соочи со мошне комплексни политички ситуации кои сѐ уште не наидуваат на генерално униформен став од меѓународната заедница, како што е кризата во Украина каде што се спротивставуваат интересите на Русија и на Западот. Сепак, веројатно на најширок консензус ќе наиде критиката на обидот за агресивно етаблирање на новата држава позната како ИСИС, кој обид во иднина ќе претставува најсериозен и најдлабок апел за интервенција на меѓународните сили во насока на запирање на бруталното крвопролевање и ширење на фундаментализмот. Независно дали е религиозен и која религија е негов корен, фундаментализмот никогаш не е одговор на кое било прашање. Како секоја од светските сили ќе се произнесе по однос на глобалните предизвици ќе биде предмет на интерес и оценување во текот на следната и другите години кои следат. Секако, тоа што сите држави, независно од тоа дали се битни или помалку битни засегнати страни на меѓународната сцена, треба да го знаат, е тоа дека демократијата се сака и негува преку дела, а не зборови.
Неспорно, финансиските текови директно влијаат и ја поткопуваат суштината на демократијата во смисла дека народот ги носи на власт оние во кои гледа најсилно и најверодостојно остварување на благосостојбата. Всушност, ова е историски добро позната констелација на односи: големата депресија од 30-тите години ја еродираше како американската така и европската демократија, вербата на гласачите од јужноамериканските држави бележи тренд на континуирано опаѓање по 70-тите години, па за истите моментално се говори дека се жртви на автократски режими. Секако, блиц настанот како отворањето на американската амбасада во Куба неодамна ветува нов тренд на развивање на добрососедските односи САД-Куба, ирелевантно од заднината на преземениот чекор. Кога станува збор за финансиска криза, неретко се случува народот да се обиде преку опозицијата директно да влијае врз неповолната ситуација во која е затекнат. Сепак, денес се чини дека и тоа веќе не е практика: раѓањето на партиите како Златна зора кај јужниот сосед, подемот на британската партија за независност, промена на цензусот донесен со растот на алтернатива за Германија во Сојузна Република Германија, се само неколку примери каде што народот бара трет излез настрана владата и опозицијата, кои, освен идеолошка, се судираат и на економска основа, во рамки на предложените предизборни програми.
Ако се земе предвид дека монетарната економија генерално е најмногу засегната и е под директно влијание на банкарскиот систем, кој логично е изграден од личности неповрзани со политичкото уредување во рамки на една држава, тогаш дури може да се претендира на заклучокот дека премиерите и претседателите не се најбитните фактори кои влијаат врз градење на благосостојбата на една држава. На ниво на ЕУ, па дури и во контекст на еврозоната, фискалната политика на секоја земја-членка на Унијата пред да биде имплементирана, треба да помине низ низа филтри во рамки на институциите во Брисел. Економските политики, пак, ги генерираат генерално ММФ, СТО и други релевантни институции. Дури и домашните закони треба да бидат претходно усогласени со определени конвенции и правила кои ги поставува наднационална заедница на држави. Прашањето е многу едноставно како и на секој спортски натпревар: кој играч колку се држи до правилата на играта, кој играч колку се труди да стане дел од тимот и покрај сите сопки на кои наидува, а секако кој играч колку навистина верува во себе и во другите? Пренесено на терен на ЕУ, која држава колку ги почитува стандардите на унијата кои требало да важат и во моментот кога истата се придружила и до кој степен е секоја од државите подготвена да го гази зборот на институциите на системот поради сопствени неразбирливи интереси? Тоа прашање Брисел и оваа година не успеа да ѝ го одговори на Република Македонија.
Демократијата не секогаш се состои само во гласање и одржување на плурализмот, демократијата се состои и во правење компромиси и отстапки во име на доброто на другите. Дури и ако ги анализираме мерките на Freedom House и Economist Intelligence Unit во оценувањето на степенот на демократска развиеност во една држава, не треба да бидеме политички аналитичари или политичари за да разбереме дека определени држави се далеку зад критериумите кои ги диктираат за други држави. Оној кој бара грешка секогаш ќе ја најде. Негативните социјални појави нажалост отсекогаш ја деградирале и уназадувале демократијата и го правеле Орвеловото сценарио прикажано во 1984 достижно и реално.
Добрата практика се јавува како резултат на имплементација и разбирање на добрата теорија. Ако правилата се јасни и важат за сите, нема простор за компромис и попуштање. Ние го сторивме своето по шести пат. Сега не е веќе наш ред.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


