Градоначалникот на општина Битола Владимир Талески и македонската поп ѕвезда Калиопи, на заедничка прес конферецнија соопштија дека на плоштадот „Магнолија“ во богата уметничка програма, главен гостин на новогодишната забавна вечер ќе биде токму пејачката Калиопи.
Новогодишните програмски блокови ќе почнат викендов со детска програма од фестивалите за деца и млади што се одржуваат во Битола, а ќе има и четири театарски претстави, најави градоначалникот Талески.
-Соработката со Калиопи ја договаравме повеќе време затоа што е преангажирана. Но, ете конечно ја имаме како ексклузивна ѕвезда на плоштадот „Магнолија“, а в лето ќе настапи и во Хераклеја во рамките на нашиот „БитФест“, посочи Талески.
На прес конференцијата во Битола, Калиопи истакна дека ќе се обиде да ги стопли срцата на битолчани и ќе приреди целовечерен концерт со богата музичка програма.
Општина Битола освен организирана новогодишна програма што ќе се реализира на плоштадот „Магнолија“, според востановената традиција ќе приреди и организирана програма за одбележување на Коледе со коледарски оган на плоштадот „Гоце Делчев“ во овој град.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


