
Тимчо Муцунски, докторанд на Правниот факултет „Јустинијан Први“
Пред неколку дена ме изненадија изјавите на одредени политичари кои го отворија прашањето околу политичкото и економското значење кое Саудиска Арабија го има на светската сцена. За ова прашање, според мене, воопшто не би требало да постои дилема, особено не кај сериозните аналитичари и познавачи на геополитичките текови и меѓународните економски односи бидејќи фактите несомнено ја потврдуваат значајната улога на Саудиска Арабија во нашиот современ глобален систем. Можноста на претседателот на Владата на Република Македонија да ја посети Саудиска Арабија и да оствари средби на највисоко политичко и економско ниво, ја покажа јасната стратегиска надворешнополитичка и економска визија на Република Македонија преточена во реализација на конкретниот интерес за воспоставување силни врски со најмоќните глобални актери, а кои се од обостран интерес и кои можат да придонесат кон забрзан економски развој на земјата и зацврстувањето на нашата улога во меѓународните односи.
Саудиска Арабија актуелно претставува една од најзначајните земји во светот, која има особено значајна улога во ОПЕК, каде што во наведените услови со нејзиното непосредно влијание кон земјите-членки на оваа групација одбиваат да го намалат своето производство и несомнено активно придонесуваат во процесот на намалување на глобалната цена на нафтата. Улогата која ја игра оваа земја во тој процес ја воспоставува како вистински политичко-економски лидер во тој регион. Овде посебно треба да се земе предвид фактот дека ваквите текови, предизвикани од падот на цената на нафтата, го намалуваат влијанието на Иран – која како држава трпи многу сериозни економски, но и политички последици од фактичката состојба на глобалните берзи. Јасното намалување на политичката и економска моќ на Иран, по автоматизам значи значително зголемено влијание на Саудиска Арабија.
Сепак, прашањето кое беше поставено како дилема е што бара Република Македонија со промовирањето во Саудиска Арабија. Како би дале соодветен одговор на ова прашање, би морале да ги потврдиме следниве две тези: 1. Република Македонија активно и успешно цели да привлече што поголем број странски директни инвестиции во слободните економски зони, како и перспективно да обезбеди заинтересирани субјекти во слободните финансиски зони; 2. Со цел да го намали трговскиот дефицит, но и да го раздвижи домашното производство, Република Македонија вложува сериозен напор во зголемувањето на извозот на домашните производи на перспективните странски пазари.
Во времиња кога глобалната економија е ослабена, саудиската економија се очекува во 2015 година и во 2016 година да доживее раст од околу 4 проценти. Без оглед на сознанието дека некои субјекти оваа држава ја гледаат само како еден од најголемите извезувачи на нафта, како резултат на структурните промени на нејзината економија, саудиските компании стануваат сè позаинтересирани за инвестирање во странство, а паралелно на тоа оваа држава станува еден од најголемите увозници на земјоделски производи. Оттука, особено е значајно да се земат предвид и фактите на кои укажуваат последните економски показатели, според кои компаниите од Саудиска Арабија само во 2013 година во форма на странски директни инвестиции вложиле капитал во вредност од 26,1 милијарди американски долари. Истовремено, како резултат на иницијативата за земјоделско инвестирање во странство на кралот Абдулах, во последните 6 месеци околу 50 компании од Саудиска Арабија донеле одлуки за директни инвестиции во земјоделското производство во разни странски земји. Преку Индустриско-развојниот фонд на Саудиска Арабија и преку Фондот за јавни инвестиции (и двата фондови под директен надзор на саудиската влада) се отвораат сериозни можности за македонски извозници, кои сакаат да ги пласираат своите производи во оваа држава за добивање соодветни субвенции од Владата на Саудиска Арабија. Паралелно со тоа, одредени саудиски инвестициски фондови се меѓу најсилните инвеститори на пазарите на хартии од вредност во САД, Велика Британија и во Луксембург, а истовремено имаат и свои подружници во сите земји кои активно придонесуваат на овие пазари. Пример за тоа е последната инвестиција на инвестицискиот фонд Sedco Capital (саудиски фонд со седиште во Луксембург) од околу 300 милиони долари, кои средства се вложени во рамките на пазарот на недвижности во неколку европски земји.
Саудиска Арабија не е единствено извозник на нафта и, како што сака да се претстави, „радикален ислам“, туку, напротив, таа е активен инвеститор во развиени земји, а истовремено и сериозен потенцијален увозник на производи кои Република Македонија може да ги пласира на нејзиниот домашен пазар. Фактот што саудиската држава има донесено посебна економска платформа за инвестирање во земјоделството во странство е само еден од показаталите за тоа. Оваа држава претставува сериозен политички и економски партнер на развиените земји во светот, и оттука треба да се вложи дополнителен напор во воспоставувањето квалитативно силни сестрани билатерални односи со неа. Искрено ме радува посетата на оваа значајна земја на високо политичко ниво бидејќи тоа претставува силен сигнал и искрена намера за отворање нови заеднички билатерални перспективи, како и последователно дополнителен поттик кон забрзан економски развој на македонската држава и подобар животен стандард на нејзините граѓани.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


