
На 22 декември (понеделник), во 20 часот, во галеријата на МКЦ ќе биде отворена ликовна изложба на сликарката Весна Бајалска, родена во Белград (Југославија) во 1956 година. Студирала сликарство на Факултетот за применети уметности во Белград (1975-1980), а живее и работи во Париз, Франција.
Бајалска досега има изложувано низ целиот свет, а по седумнаесет години повторно ќе се претстави пред македонската публика со триесетина дела во маслена и комбинирана техника, работени во последниве десет години.
Од биографијата на Бајалска издвојуваме дека, иако по потекло е од Македонија, во Скопје живеела само четири години, како ученик во средно училиште. Долго време живеела во Белград, каде што ја завршила ликовната академија, а потоа заминала во Париз. Во Македонија досега имала две изложби. Една во Културно-информативниот центар во 1989 година и втората во Музејот на град Скопје во 1997 година.
Како најава на изложбата во галеријата на МКЦ за сликите на Весна Бајалска сликарот Глигор Чемерски ќе истакне:
„Весна Бајалска е белградско дете чии предци дишеле солунски воздух, родителите и биле загледани во Рациновите мугри, а еве таа самата веќе неколку години секое утро ја тутка на себеси ефтината пластична кабаница за да се заштити од оние црни париски дождови, без кои секоја уметничка биографија изгледа по малку несигурна. Тие податоци веќе го цртаат пред нас оној растреперен Одисејски профил на скитник, кој до скоро беше привилегија или проклетство резервирано за машкиот род. Сликарот, меѓутоа (Господ ќе знае дали со право или не), изгледа дека не се грижи за другите потекла или за другите биографии освен за тие што тој самиот ги создава. Изгледа дека Весна тоа и не сакајќи го насетила.
Наспроти младоста, или токму заради нејзе, Весна чекори по високо поставената жица на сликарската вратоломија со храбра сигурност на сонувач. Таа ја изнаоѓа својата рамнотежа, понекогаш и со мака, дури и грчевито, но секогаш толку неизбежно што нејзините слики со сопствената уверливост ни ја враќаат разнишаната сигурност што како гледачи сме ја загубиле во мигот на тетеравењето. Ми изгледа дека во тоа го препознавам Весниното сликарско Јас, изразено уште од најраните почетнички слики во кои портретите на нејзините најблиски извираат од некаква згусната темнина, од некаква смола на ноќта во која болно се дише. Ова чепкање по темнината, ова бунтовно скитање помеѓу црното и лилавото, таа по малку раскриена светлина која како да ги покажува своите оштетувања, ги чувам и ми се чини сѐ уште носат нешто во себе од човечките рани.
Весна сака да слика. Мислам дека некои нејзини платна во голема мерка се насликани со прстите. Сега, кога во видливото зреење и едреење, Веснините ’пејзажи на потеклото‘ неизбежно се престоруваат во оној радикален ’пејсаж на сликата‘ кои како ништо друго да не паметат, нам ни станува јасно дека скокот е сторен. Весна влегла во светот на густината во која живее сликарството“, напиша сликарот Глигор Чемерски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


