Оживеа маскотата за Светското ракометно првенство во Катар, а целта е да ја поттикне еуфоријата во светот околу овој настан. Организацискиот комитет на 24-тото светско машко ракометно првенство, избра маскотата да биде едно момченце по име Фахед, кое ќе биде лицето и срцето на настанот, а промоцијата се одржа на Денот на спортот во Катар.
– Фахед е повеќе од маскота. Тој е амбасадор на ракометот, на настанот и на Катар, а ќе ја покаже гостопримливоста, пријателството и спортските амбиции на Катар, и тоа на еден особено позитивен и шармантен начин – изјави д-р Тани Абдулрахман Ал Кувари, генералниот директор на организацискиот комитет на светското ракометно првенство во Катар.
Фахед е момченце од Катар, кое ја сака авантурата и возбудата, кои, пак, ги наследил од неговиот татко. Многу е близок со своето семејство и е најмлад од петте браќа и сестри.
Целта на Фахед на светското ракометно првенство во 2015 година, во Катар, е да ги насмее луѓето и да запознае нови пријатели. Се надева дека ова првенство ќе биде интересно за навивачите, ќе остане запаметено, но и ќе го промовира Катар како една врвна спортска и туристичка дестинација во светот.
Покрај тоа што е толку млад, Фахед знае да игра ракомет и да постигнува голови. За време на промоцијата, тој изведуваше седмерци против неговото величество, шеикот Јоаан, кој инаку е претседател на организацискиот комитет на светското ракометно првенство во Катар. Тој беше чувар на мрежата на овој дуел, а присутен беше и д-р Хасан Мустафа, директорот на ИХФ, кој ја искажа својата поддршка.
– Навистина ми се допаѓа Фахед, затоа што е многу симпатична маскота, а воедно е и многу енергична – изјави д-р Хасан Мустафа, кој инаку беше воодушевен од идејата за момчето коешто, од една страна, ги симболизира традицијата и вредностите на Катар, а од друга страна ја прикажува љубопитната младина на Катар.
Дури и Валеро Ривера, селекторот на катарската репрезентација, беше воодушевен од Фахед, кога се сретна со него на промоцијата.
– Тој е паметно и весело момче, од една страна е смешно, а од друга страна има големи амбиции, но секогаш се однесува фер со сите – изјави тој.
Љубовта на Фахед кон ракометот значи дека тој ќе биде присутен на сите натпревари и настани од светското првенство, а ќе навива подеднакво за домашниот, како и за гостинскиот тим. Со нетрпение очекува да ја поддржи својата земја, заедно со неговите сограѓани и останатите жители, но и да ги пречека играчите и навивачите, што ќе пристигнат од целиот свет во неговата сакана држава.
Фахед ќе го покаже својот забавен карактер на светското ракометно првенство во Катар преку комуникацијата, а ќе присуствува на разни промотивни настани пред и за време на првенството.
Главната обврска на Фахед ќе биде да го зголеми интересот за ракометното првенство, како и за ракометот во Катар, а особено кај децата што се на училишна возраст, кои инаку се иднината на спортот.
Идејата за интересна и симболична маска беше на Рода ал Тани, студентка на универзитетот „Вирџинија Комонвелт“ во Катар, која беше наградена за дизајнот на Фахед.
Книгата „Пиратот“ на авторот Абдул Азиз ал Махмуд била всушност нејзината инпсирација за ликот на Фахед, кој вистински ја доловува љубопитноста на катарската младина, што е важен дел од приказната во позадина, која исто така беше претставена, кога Фахед беше претставен.
По сите орли, прасиња, верверички и лавови, како маскоти на претходните светски ракометни првенства, креаторката е убедена дека „момчето од Катар е посимпатично и поинтересно од вообичаените животни.“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.