| четврток, 6 декември 2018 |

Зима е…

Ацо Станковски

Ацо Станковски

Надвор е студено, но внатре е топло, посебно ако сте обезбедиле соодветен енергент, кој претворајќи се во топлина, ви го грее просторот и ве прави спокоен и среќен. Инаку животот ќе стане суров, а сите ние ќе треба да инволуираме во ѕверови.

Нашиот ум со милениуми барал начини за остварување на спокоен и сигурен живот. Создавани се системи за менаџирање и олеснување, но на планетава не е сѐ така розово, како што проповедаат натуралистите. Можеби нивниот романтичен поглед на природата и древното минато содржи во себе еден емоционален магнетизам кон моќта, богатството и чистотата на природата, за која не знаеме баш премногу земајќи предвид дека природата е иманентен дел од универзумот, а тој е, пак, бесконечен во сите насоки. А ние сепак, не знаеме ама баш ништо за Бесконечноста.

Ова сознание за нашата немоќ, за импотентноста на нашето најмоќно оружје – умот, кој никако да ја одгатне големата и застрашувачка тајна на универзумот и бесконечноста, нè прави мали и немоќни, уплашени до лудило и во секоја смисла подобни на животните. Но, сепак, оваа параноја пред непоимливото, во кое сме судбински инкарнирани, не нè одвратила како вид да се исправиме и да ги направиме првите чекори кон бесконечноста. Тогаш човекот сфатил дека бесконечноста е несфатлива, но е бескраен ресурс на човековите желби, само ако се биде пријателски расположен кон непоимливото, да се надмине стравот. Затоа човекот почнал да му пристапува на ова бесконечно битие и, на крајот, дури и му се обратил. Така умот ја создаде религијата и Бога. Човекот виде дека постои сила, која му два фасцинантни решенија за, навидум, нерешливи проблеми и тој беше благодарен, славејќи го Бесконечното, односно, Бога. Но, состојбите и натаму не беа совршени. Инаку, како би се објаснил толкавиот квантум на болка, кој доаѓаше токму од природата, од универзумот, од Бога?

Во студените зими, ако не најдеа засолниште навреме, нашите предци од пред неколку стотици милениуми би смрзнале во страшна агонија. Но ете, тие го открија огнот и во голема мера го решија проблемот со студот, патем, добија и бонус, па ги ловеа животните со топло крзно за да го искористат како облека, откако кутрите ѕверки ќе беа одрани.

Сигурно мислите на ова со варварска и одвратна асоцијативност, но зад овој хорор на безмилосниот прагматизам стои една многу интелигентна опсервација, при која човековиот ум сфаќа дека токму крзното и кожата на животното е тоа што го грее. Ваква интелегибилност нема да видите кај другите примати. Дури ни горилата, орангутанот или, пак, шимпанзото, кое споделува 98% од хромозомите во својата ДНК со човековата, не е способно да сфати дека доколку е загрозено од студот, може да фати некое друго животно, да му ја одере кожата и да си направи облека, која ќе му го реши проблемот.

Но, тие примати живеат во тропските предели од планетава, каде што нема проблеми со студот, довикува во етерот некој гласен, но анонимен дарвинист. – Секако! Тие примати, едноставно, не можат да живеат во географски зони каде што има зими и студ, а не можат да опстанат во овие ладни предели зашто немаат доволно интелигенција за да најдат решенија. Но, човекот нашол и оган и облека.

Повторно од темнината се дига гласот на еволуционистот – Та, кога тие примати тргнале кон северот, пред неколку милиони години, тие се соочиле со проблемот на студот, меѓу другото, и го активирале својот ум да најде решение и го нашле, патем, станувајќи луѓе од мајмуни.

– Ајде, де. А оние луѓе во Африка, кои никогаш не тргнале кон северот, а се интелигентни, го користат огнот и се облекуваат? Зошто тие ги користат сите овие инвентивни решенија, а живеат во истите географски зони како и примативе што ги посочивме. – Дарвинистот молчи. Тој мисли дека има решение, но проблемот на политичката коректност го инхибира за да не ги искаже своите расистички и дискриминирачки расудувања. Тој никогаш нема да се откаже од адаптираната теорија на Дарвин, без оглед на паралогизмите, со кои го соочуваат критичарите на оваа хипотеза. Но, без оглед на сè, студот останува сериозна закана и покрај сета еволуција на нашиот вид.

Денес, исто така, сме ранливи како и во праисторијата. Студот царува во суровата зима и ако немате решение за оваа страшна стихија, едноставно ќе смрзнете, што воопшто не е пријатно – напротив.

Системите за греење се софистицирани денес, тие можат зимата да ви ја претворат во топло и романтично лето во еден сосема мал дел од бесконечноста, во која ќе бидете среќен и спокоен, вшмукувајќи ја топлината во вашето тело од грејниот апарат во близина. Стотици илјади години еволуција на човекот, за мигови на спокојство и среќа. Ова воопшто не е мало постигнување и, посебно, ако имате доволно пари за да се инкорпорирате во цивилизацискиот систем, не само на греењето.

Доколку не, тогаш ќе ве прифатат некои социјални институции, каде што греењето не е секогаш на ниво, а спокојството доаѓа како субјективен ексклузивитет. Општеството се труди да им угоди на сите, но тоа едноставно не е можно. Потребни се средства. Енергентите се скапи и не е лесно да се набават доволни количества за сеопшта среќа.

Зима е, надвор е ладно, наскоро ќе биде Нова година, а со неа доаѓа и фамозниот Дедо Мраз со полна вреќа дарови.

Но, оваа година кинескиот премиер му го украде шоуто на белобрадиот филантроп. Имено, кинескиот владетел допатува во Белград со полна вреќа подароци во кеш – вкупно 10 милијарди евра. Ова е навистина примамлив момент за 16 држави, секогаш гладни за пари. Еве, се собраа околу великодушниот инвеститор од Азија, кој ќе ги исполни со милина и со љубов. Гледате ли, како едноставно се добиваат умовите и срцата на луѓето. Нема потреба од бомби и пропаганда, како што тоа го прават САД. Брисел позелени од љубомора, неговите конкубини одат кон галантниот Мандарин. Адио Брисел, неговата позиција станува сѐ погротескна.

За волја на вистината, кинескиот владетел им укажа на гостите во Белград дека внатре е топло, додека тие сите се потат, но надвор е многу ладно, а ладно е зашто е зима.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top