
Колумнист: Горан Момироски
Презентирајќи го своето истражување за време на меѓународната конференција што заврши неделава во Охрид, а на која земјите од регионот и евроатланските институции бараа решение против кибернетскиот криминал и терористичките закани, Хаџи Јанев презентираше дека се работи за навидум обични веб-страници на кои се разменуваат пораки меѓу претежно млади луѓе, но овој пат пораките се испраќаат од радикални структури до потенцијални приматели на пропагандни пораки, кои треба да регрутираат членови на радикални групи.
– Постојат и отворени форуми на „Фејсбук“, на кои се разговара за начините на обука и се врши пропагирање за да се препознаат нови млади поединци што можат да се вклучат во идејата и на тој начин да учествуваат во целиот процес на радикализација на младите од регионот – откри Хаџи Јанев, но со тоа не ги збуни најголем дел од учесниците на конференцијата, кои секој во својата држава од регионот утврдил дека се присутни радикални елементи што го користат кибернетскиот простор за свои цели. Босанското искуство вели дека огромен број млади луѓе се идентификуваат со терористите што ги гледаат на интернет.
– Дел од младите се поведени од трендови што се сметаат за модерни и поради тоа употребуваат реторика блиска на терористите или се однесуваат според нивните идоли од интернет – вели професорката Гиптан од мостарскиот универзитет. Проблемот на лесна манипулација со чувствата на младите луѓе преку интернет е сѐ поприсутен во сите балкански земји и во голем број членки на Унијата. Статистиката вели дека најмалку 30 проценти од сите борци во радикални исламски структури што заминале да се борат од Европа во Ирак и во Сирија се регрутирани преку форуми и портали на интернет.
Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – регионален лидер
Иако третирањето на кибернетската безбедност во регионот е сѐ почесто, Воената академија во Скопје се издвојува на ова поле. Со поддршка од највисоките државни инстанции, Воената академија не се занимава само со теоретизирање за проблемите во кибернетската безбедност и одбрана, туку се занимава и со анализи и стратегии, создавање правна рамка за битка со овој проблем, како и со неколку други поврзани теми поради сеопфатен пристап кон овие области од научен и од стручен аспект. Токму поради ваквиот сеопфатен пристап македонската академија, со учество на дваесетина врвни експерти од ООН, НАТО, ЕУ, Велика Британија, САД, Турција, Естонија, Италија, Бугарија, Црна Гора, Македонија и од големи приватни безбедносни компании, за време на школата што се организира во Македонија ќе третира прашања поврзани со последните трендови на регрутирањето преку интернетот, обуката, процесот на радикализација, собирањето на информациите и шпионажата, па сѐ до потенцијалните напади, кои може да се окарактеризираат како кибернетско-терористички напади. Школата ќе ја посетуваат повеќе од 40 студенти од земјите од регионот, меѓу кои земјите од НАТО (Албанија, Бугарија, Словенија и Хрватска) и земјите-партнери на НАТО (Босна и Херцеговина, Македонија, Србија и Црна Гора). Наредната 2015 година Воената академија планира да отвори Институт за кибернетска безбедност и дигитална форензика, за што веќе постои и постдипломска програма на оваа институција.
(Текст објавен во 119. број на неделникот Република, 12.12.2014)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


