| четврток, 6 декември 2018 |

Вардар во шампионски стил ја наполни мрежата на Шкендија (6-1)

Некогаш беше дерби со многу возбудувања, неизвесност и битка докрај, а денеска немаше ништо од тоа. Актуелниот шампион Вардар ја декласира Шкендија со 6-1, во последниот натпревар од 19. коло во домашното првенство. „Црвено-црните“ доминираа од стартот и ја наполнија мрежата на шампионот на Македонија од пред две години. Прва победа за новиот тренер Никола Илиевски-Џиџи и супердеби на Аце Стојков, со два гола за победничката екипа.

vardar skendija

Голеадата ја најави најдобриот стрелец во лигата, Јован Костовски, со погодок во 14. минута, ја продолжи уште еден вардарец, но сега во дресот на Шкендија, Музафер Ејупи, во 38. минута, а до крајот на првиот дел видовме уште три прекрасни погодоци. Два од нив во режија на Стојков, кој го одигра првиот официјален натпревар за Вардар. Покажа дека ќе биде големо засилување, а особено беше убав голот за 2-1 кога погоди од 25 метри. Следуваше најубавиот момент на мечот и погодок на Остоја Стјепановиќ од половина терен, по киксот на одбраната на Шкендија, а гол-шоуто во првиот дел го затвори со нов гол Стојков.

vardar skendija 2

Гостите беа само бледа сенка од некогаш најсилната екипа во Лигата, па Вардар си поигра со нив и ги испрати за Тетово со половина дузина голови. Лазаревски со прекрасен погодок од слободен удар ги зголеми маките на неподготвените гости, а ги докусури Филип Петров за конечни 6-1. Натпреварот го следеа само околу 300 гледачи на арената „Филип Втори“ во Скопје.

Фото: Александар Ивановски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top