Општина Прилеп и Мермерниот комбинат се подготвуваат по деветти пат, на 19-ти декември да го одбележат патрониот празник на градот Свети Никола.
На прес-конференција, градоначалникот Марјан Ристески и домаќините најавија дека на плоштадот „Александрија“,односно булеварот „Гоце Делчев“, овој петок ќе бидат поставени масите и пунктовите со богатата посна светиниколска храна која веќе ја спремаат традиционално женските здруженија и организации од невладиниот сектор, а присутните ќе можат да уживаат и во убавата културно-забавна програма која ќе се одвива на камената бина.
„Гостите и добронамерниците ќе можат да вкусат 60 илјади посни сарми, 200 килограми грав, 350 килограми риба и да се напијат 2.000 литри вино, ракија“, рече Јасна Аџиевска Петрушева, од Мермерниот комбинат.
Програмата за одбележување на празникот Свети Никола ќе започне со литургија во црквата „Свето Благовештение“, а потоа во 11 часот следи Водоосветувањето и прережување на празничниот колач пред параклисот на „Свети Никола“ во центарот на градот, а во 12 часот е предвиден Празничен ручек со културно-уметничка програма на плоштад „Александрија“.
Во чест на празникот започна и турнир во мал фудбал, a ќе биде отворена и изложбата „Уметниците во чест на Свети Никола“.
Се очекува и оваа година убавата празнична прослава на денот на светецот Никола кој воедно е и светец заштитник на градот Прилеп да донесе голема посетеност на патници добронамерници од целиот регион.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.