| четврток, 6 декември 2018 |

Тој што не згрешил никогаш, не пробал нешто ново

Симона Јандревска

Симона Јандревска, Практикант во “Регионален Менаџмент”, Deutsche Bank AG Франкфурт, Германија

Волт Дизни и Доналд Трамп биле отпуштени од своите први работни места како недоволно креативни и способни, Хенри Форд ги загубил парите на сите свои инвеститори, а, пак, Бил Гејтс или Пол Ален целосно ги банкротирале своите први компании. Во што лежи успехот на повратот на овие луѓе на сцената на скалила несразмерно високи од првичните на кои биле? Теоријата дека е здраво да се греши може да биде поткрепена со примери од биографиите на најуспешните луѓе во светот. Според Дејл Карнеги, успешните луѓе профитираат од своите грешки и се обидуваат повторно користејќи други начини на исполнување или однесување.

Неспорно, грешките, односно неуспехот се едно горливо чувство кое директно влијае врз самодовербата и креативноста на една личност. За да го сфатиме нивното реално значење, секогаш треба да си го поставиме прашањето како учиме да ги извршуваме сите нови задачи? Ако тргнеме од претпоставката дека за некои задачи или проекти не добиваме детални инструкции, полето на креативност и слобода е толку големо, што е дискутабилно кој од нашите чекори е погрешен или, пак, помалку точен. Реално, повеќето од нас знаат да сработат определена задача ако имаат какво било претходно поврзано искуство, по што следува процес на автоматско механичко репродуцирање. Што ако ја замислиме спротивната ситуација и почнеме да веруваме во ставот дека немаме потреба од ничија инструкција за да сработиме определена задача?

Ако се обидеме да разбереме на кој начин функционира нашиот мозок, ќе ни биде јасно дека мозокот не функционира на рамноправни или линеарни фреквенции. Всушност, многу познати истражувања докажуваат дека фреквенциите на нашите мисли што ние популарно ги нарекуваме бранова должина, функционираат измешано, конфузно, се повторуваат и осцилираат. Нашиот мозок е како компјутер или еден вид машина за предвидување настани и реакции кои ги користи нашите веќе стекнати искуства за да предвиди идни реакции и настани и притоа да одлучи во која насока натаму ние ќе дејствуваме. Со секое искуство или доживување стануваме помудри, поискусни и поподготвени да одговориме на нов предизвик, независно дали истиот е во веќе позната форма или во комплетно модификувана верзија која ни се чини како бледа копија на нешто веќе видено. Всушност, мозокот функционира совршено добро и ефикасно ако се соочи со ситуација на неуспех затоа што умее да канализира позитивен одговор на следниот предизвик, независно од обликот во кој тој ќе се појави.

Ако замислиме една хипотетичка ситуација во која би требало да решиме некој проблем без да имаме каква било техничка или интелектуална помош, јасно е дека нема гаранција дека ќе дојдеме до вистинското и точно решение. Тоа што е клучно во оваа ситуација е вниманието кое ќе го посветиме во насока на барање на соодветните решенија. Неспорно, дури и да загубиме апсурдно многу време, сознанијата до кои ќе дојдеме ќе ни овозможат длабоко и темелно спознавање на различни аспекти на проблемот. Ако ја замислиме спротивната ситуација кога некој би ни укажал помош, тогаш веројатно би се концентрирале само на ефикасното стигање до самото решение, без притоа да почувствуваме потреба дека самиот проблем има и други аспекти вредни да бидат согледани. Нема да претпоставиме воопшто дека проблемот има и други аспекти.

Ако е ова вака за каква било техничка ситуација, тогаш која е пораката на овој пример за нашата кариера или уште побитно, за нашиот живот?

Тој што не згрешил никогаш, не пробал нешто ново, е позната изрека на Ајнштајн, кој бил сметан за лош студент и никој не претпоставувал дека ќе стане еден од најголемите научници во историјата на општеството. Според него, креативноста е интелигенција која се забавува што говори за неговиот пристап кон истражувањето на нови области без да има кој да го насочи или да му помогне да ги постави постулатите на теоријата за релативноста. Пораката е дека неуспехот или грешките се нашиот најверен пријател во моментите кога ќе се прашуваме како треба да продолжиме натаму бидејќи се единствените искрени показатели за тоа колку успеваме да осознаеме и научиме од една ситуација за да можеме успешно да напишеме нова приказна.

Сите луѓе грешат. Разликата меѓу успешните и неуспешните во сопствените очи лежи во прифаќањето и надминувањето на грешките.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top