| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија го заврши претседавањето со СИГРУП на НАТО

Република Македонија денеска во седиштето на НАТО во Брисел за последен пат претседаваше со СИГРУП, неформална група на земјите од Југоисточна Европа во алијансата, јави дописникот на МИА од Брисел. Денешниот последен состанок под македонско претседателство го предводеше новиот македонски амбасадор во НАТО, Зоран Дабиќ, а присуствуваа и шефовите на делегациите на 28­. земји-­сојузници на алијансата, како и амбасадорите на Босна и Херцеговина, Србија, Финска, Ирска, Молдавија, Црна Гора, Шведска, Швајцарија и Австрија.

Со истакнување на приоритетниот интерес на Македонија, а тоа е членство во НАТО како најголема воено­-политичка организација на светот, амбасадорот Дабиќ го заокружи претседателството со СИГРУП на 15­-годишнината од негово успешно постоење и работа како неформална група во рамките на НАТО, во сопственост и предводена од страна на земјите од Југоисточна Европа.

Инаку, СИГРУП е важен форум за регионална соработка и дискусија, кој функционира како флексибилен, неформален и отворен форум за заинтересираните сојузници и партнери, а со цел да им помага на земјите­учеснички да работат заедно во областа на безбедноста и нуди можност за почнување заеднички проекти и иницијативи. Сите теми на форумот служат на заедничката цел за зајакнување на стабилноста и безбедноста во регионот, но и да имаат директен позитивен ефект врз евро­атлантската безбедност.

Соработката во рамки на СИГРУП стана уште поважна во однос на новите предизвици кои произлегуваат во 21­ век со кој сите се соочуваат, а регионалната сопственост и видливост на активностите преземени од страна на Групата е уште еден важен столб на овој форум. Поддршката и олеснувањето од страна на НАТО е шанса за земјите од регионот да ги промовираат сопствените ставови и интереси во Алијансата. Групата има врски и со Совет на Европската унија, а СИГРУП има контрибуција и за интероперативност (соодветност на македонските процедури со оние на НАТО ­војските).

Македонија го презема претседавањето со СИГРУП од Црна Гора, а палката ја предава на Србија, која идната година ќе претседава со најважниот неформален форум за земјите од Југоисточна Европа во рамки на НАТО.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top