| четврток, 6 декември 2018 |

Сериозни реформи

Тимчо Муцунски

Тимчо Муцунски, докторанд на Правниот факултет „Јустинијан Први“

Појавувањето на финансиската и на економската криза од 2008 година, за развиените земји и државите со слободни пазарни економии, произведе обврска за целосно редефинирање на односот меѓу државата и корпорациите. Факт е дека дерегулацијата на пазарите на капитал (појава сериозно распространета во САД, а за нијанса помалку во ЕУ) се покажа како вистински правен феномен кој не ги вклучи „сопирачките“ во моментот кога тоа беше најпотребно. Таквите околности ја отворија можноста за зголемување на улогата на државата и истовремено наметнаа систем кој бара повисок степен на одговорност кај корпорациите, особено на оние од финансискиот сектор.

Мерките за зголемена регулација врз корпорациите преку законски норми, вклучувајќи ја и потребата од преземање на дел од нивната сопственост (акции) од страна на државата, покажа дека во моменти на слабост општите правила на пазарната економија може да се прекршат, во интерес да не биде непосредно оштетен долгорочниот интерес на граѓаните. Во тие моменти, токму во државите кои вршеа такви форми на интервенција, имаше голем број критики, а тоа посебно беше забележливо во САД. Но, најголемите недоследности ги покажаа токму корпоративните елити бидејќи нивното лошо корпоративно управување и очигледната недоволна посветеност при менаџирањето со ризиците ја создаде и самата криза. Во наведените услови тие им дадоа легитимитет на политичките елити и им овозможија повторно да ја преземат носечката улога на пазарот, која секако и неизбежно им се враќа, но сега со доза на воздржаност и со сѐ поголемо легислативно, а оттука и извршно влијание врз нивното работење.

Глобалната финансиска и економска криза покажа дека дерегулацијата, во која било област е влез во опасна територија, особено бидејќи со самоволноста на индивидуите се дозволува квантитетот да превладее над квалитетот. Таквата дерегулација, пак, само по себе упатува кон нарушување на системските вредност на денешното општество, кое очекувано би требало да се стреми кон поголема ефикасност, ефективност и економичност (т.н. три Е-принципи). Најчесто, при имплементацијата на таквите реформи се појавува притисок од фелата и политички притисок, каков што беше случајот и во САД, каде што беа преземени повеќе мерки за засилен државен надзор врз корпорациите. Често, самите корпорации, со поддршка на одредено лоби во политичките партии, отворено се противеа на таквите мерки кои според нив ги нарушуваа фундаментите на современата американска економија. Заради темелните реформи, во повеќе области, а меѓу другите и во сферата на корпоративното законодавство, истите интересни групи претседателот Обама го нарекуваа „социјалист“ и „комунист“. Дадените етикети најчесто беа лични, помалку суштински и финално се покажаа како некоректни, особено бидејќи денес американската економија, иако е далеку од блескавите 90-ти години на минатиот век, сепак се наоѓа во далеку побезбедна и постабилна зона отколку во 2008 година.

Во една здрава и функционална демократска и пазарноориентирана средина, различните ставови најчесто се третираат како природни и истовремено потребни. Така се создаваат подобри и поконкурентни политики, а така се градат и подобри меѓучовечки односи. Фактот што некој има различен став од колегата во соседната канцеларијата не треба да го прави негов личен непријател и уште помалку негов вечен опонент. Кога двајца или повеќе луѓе ќе разговараат за одредена тема, борбата меѓу нив треба да биде борба на квалитативни аргументи, а не борба поврзана со лични дисквалификации. Кога се спротивставуваме за определени ставови, најмалку е потребно да се употребуваат навреди, да се покажува суетност и да се избегнува обезбедување подобри аргументи. Тие што поставуваат погрешени критериуми во градењето одговори за определени прашања, всушност не би можеле да ги наречеме демократи бидејќи, очигледно, не успеале да го дефинираат значењето ниту квалитетот на зборот демократијата. Знаењето, посветеноста, чесноста и стрпливоста се најдобрите сојузници во барањето одговор за решавање на секое спорно прашање и особено на она од чиј соодветен и квалитетен одговор зависи развојот на едно демократско општество.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top