Следната година Прилеп ќе ја посвети на економијата, истакна денес прилепскиот градоначалник Марјан Ристески.
Ќе почне, како што информира, изградбата на инфраструктурата во Технолошко-развојната индустриска зона кај Алинци.
– Оваа година почна изградбата во индустриската зона „Прилеп 1“ каде што веќе се градат неколку фабрики и погони. Наредната, 2015 година ќе заврши комплетно изградбата на инфраструктурата. Комплетно е изработен детален план за индустриската зона „Прилеп 2“ каде што веќе се готови 16 парцели, кои по Нова година ќе бидат дадени на продажба – рече Ристески.
Според него, во плановите за 2015 година се и реновирање на железничката станица, изградба на нови училишта, градинки, паркови и плоштади.
На денешната прес- конференција Ристески информираше и за спроведените проекти во Прилеп годинава.
Според Ристески, 2014 година беше година со најголеми градежни активности досега за Прилеп, при што се изградени нови булевари, авении, плоштади. – Почна изградбата на пречистителната станица, проект вреден повеќе од 25 милиони евра, се градеа патишта во руралните средини, се поставуваа нови водоводи. Нема населено место во кое не се реализираше по некој капитален проект. Прилеп по децении доби капела, нова автобуска станица, се гради аквапарк, а се воведе, за првпат во историјата на градот, и градски превоз. Континуирано се вложуваше во реконструкција на сите училишта во целата општина, а се градат и две големи спортски сали – наведе Ристески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



