| четврток, 6 декември 2018 |

Албански аналитичар: Белград би сакал да го наплати признавањето на Косово

Политичкиот аналитичар и советник на албанскиот премиер Еди Рама, Шкељзен Малиќи, во интервју за весникот „Данас“ вели дека Србија со Бриселскиот договор се согласила да ја признае независноста на Косово делумно, а на целосното признавање се спротивставува поради компензации.

На прашањето дали има разбирање за тој вид „чувства“ на кои се повикуваат граѓаните и политичката елита за оспорување на косовската независност вели:

– Во спогодбата од Брисел, Србија се согласи да го признае независно Косово делумно. Зошто се противи на формално и целосно признавање, мислам дека е поврзано со идејата за компензација. Односот на силите во Советот за безбеднос на ОН сѐ уште ѝ дава право на Србија да се држи до „тапиите“ за Косово и Белград би сакал тие тапии некако да ги наплати, било со територијален компромис, на кој постојано инстистира Дачиќ, или, пак, Косово да се „прежали“ со тоа што на босанските Срби би им се отворил патот за отцепување.

Омразата и нетрпеливоста на српските граѓани спрема Албанците не се намалува, има и многубројни предрасуди – додава тој.

На прашањето каква е ситуацијата во албанкото друштво, односно на Косово, вели дека прекинот на фудбалскиот натпревар меѓу Србија и Албанија и посетата на Рама на Прешевска Долина ги поттикнале националистичките реакции.

– Ваквите ситуации не потсетија на деведесеттите години. И во албанската јавност тоа влијаеше да се создаде контраеуфорија и националистички реакции. Тоа е загрижувачки развој во време кога сите мислевме дека се движиме кон нормализација на односите – одговара Малиќи.

Но, тој верува дека има лек.

– Ние денес немаме околности какви што имаше во 90-тите години. Иако настаните посеаа страв, дека се враќаме на конфликтите, сепак имаше некаква корист да се потсетиме колкав напор нѐ чека за да ги надминеме предрасудите. Лекот е во нормализација на односите и подобро заемно познавање. Лесно е да се шират предрасуди кога нема нормални економски, културни, туристички, спортски и воопшто човечки контакти. Албанците и Србите се соседи и верувам дека мнозинството набрзо ќе сфати дека од конфликти нема корист. Бриселските преговори и финалето на дијалогот помеѓу Србија и Косово мислам дека ќе создадат услови за нормализација на односите меѓу овие две земји, а и на релација помеѓу Србија и Албанија сигурно е дека ќе има нови чекори за нормализација – тврди албанскиот аналитичар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top