| четврток, 6 декември 2018 |

Првата премиера во новиот театар во Велес на 20 декември

Првата премиера во новата зграда на Театарот во Велес ќе се одржи на 20 декември кога ќе биде изведена комедијата „Најважната работа на светот“ по текст на Братислав Димитров, а во режија на Љубиша Георгиевски. Театарскиот ансамбл на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ ќе ја изведе претставата и во следните два дена. Уметничкиот директор на Велешкиот театар и актер, Васил Зафирчев истакна дека сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Мери Георгиевска, а музиката е на Гаврило Миловановиќ.

Во претставата освен Зафирчев и Зоран Љутков, настапува целата актерска екипа на Велешкиот театар, како и гостите актери: Ирена Ристиќ и Благој Чоревски.

Режисерот Љубиша Георгиевски посочи дека тие се потпреле на еден концепт кој подразбира дека вредноста на еден народ не се состои во патетиката, туку во неговиот дух во кој и се гледа неговата големина како народ.

– Ние треба да се гордееме како Македонци со изобилен таков дух, дека знаеме да се смееме, прво на самите себе, па потоа на другите. Затоа што смеата облагородена во уметноста ќе го спаси светот, потенцира Георгиевски.

Актерот Благој Чоревски рече дека се она што пред повеќе од 20 години било само идеја и далечен сон, сега е реалност и се реализира благодарение на чувството за театар и култура на македонската Влада и надлежното Министерство кои ја финансираа и изградија новата театарска зграда во Велес.

– Оваа најсовремена нова театарска зграда во Велес со најсовремена сцена беше сон на многу генерации велешки актери. Затоа оваа претстава им ја посветуваме на сите познати велешки актери низ генерациите, истакна Чоревски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top