Единица мерка за отпор се вика Его. Или: дрвото се крои додека е младо. Кога еднаш ќе се искриви, ништо и никој не може да го исправи. Зошто? Поради високиот напон што го создава егото.
Его е парадигма за издвоеност од сè останато.
Егото е детска болест во однос на биполарното нарушување на универзумот. Се разбира дека во универзумот нема место за какви и да било нарушувања, та токму затоа егото е жолтата точка на вшмукување на каква и да е илузија за можните.
Кога си млад, егото ти е неопходно за да те заштити од јаката струја на животот што носи сè пред себе, како булдожер, бура или земјотрес. Но кога бурата ќе стивне, и ќе посакаш да уживаш во убавините на големата вода, откриваш дека штитот ти пречи. Е тогаш е моментот кога терапевтот ти вели: Отпушти се и дозволи да тече… и исто така моментот кога сфаќаш дека „отпушти се“ е една од најтешките задачи што може да му биде зададена на телото.
Што значи „Relax and let it flow!“? Ако твојот терапевт по долго разубедување ги дигнал рацете и ти ја препорачал оваа магична формула, значи си дошол на работ, од каде што нема враќање; или ќе му се предадеш на текот или ќе се удавиш во сопствениот отпор. Како работи парадигмата?
На пример, кога ќе забележиш дека чорапите се скинале,
а) ги фрлаш и купуваш нови (без двоумење);
б) ги крпиш и ги носиш до следното кинење и крпење. Внимавај: тоа е потенцијална опасност од вечно носење едни и исти чорапи, нешто како перпетуум-мобилни чорапи;
в) одлучуваш да одиш до крај – се откажуваш од чорапите како феномен и одиш бос.
Има една теорија дека луѓето што одат боси се многу поздрави од „останатите“.
Друг пример за истото: кога патуваш и треба да одбереш превозно средство, одбираш:
а) авион – ако немаш фобија од терористи;
б) автомобил – ако имаш трпение за сите наплатни рампи „одовде до вечноста“;
в) брод – ако се сетиш да одбереш дестинација на море (а за да стигнеш до вода најдобро е да користиш воз);
г) подморница – ако Битлси оставиле толку длабок печат на твојата психа, што дури и после 40 години фан-ство, не можеш да откриеш како некој може да биде толку добар и покрај тоа што од секогаш паралелно со нивната слава, кружеле гласини дека и нивната музика била дел од бернајс пропагандата на САД. Како инаку би се создал митот за рајот на земјата ако не со помош на волшебни песни од типот на „Луси на небото со дијаманти“. Само еден господ знае какви дијаманти им се причинувале на издрогираните младичи во време кога сè уште биле свежи траумите од првата глобална економска криза или злогласната прохибиција на алкохол.
Неисе. Како да откриете на која парадигма сте ѝ склони во најголема мера?
Лесно е да го откриете одговорот доколку си направите неколку проверки на сопственото однесување во одреден тип ситуации. На копно, на вода, или можеби ќе си го проверите талентот за левитирање?
Што е со позитивните парадигми, како на пример парадигма на среќата? Постои ли можност за таква проверка?
Доколку имате најмногу одговори под а, вие сте разбрале дека сè што е потребно за да се биде среќен е само малку меморија во вашиот таламус, и додека го користите парчето сеќавање, напорот на волјата го насочувате во согласност со текот. Низводно. Најголема мудрост е човек да сфати дека сите неволји на овој свет се последица на пловидба спроти текот. Но, внимавајте: ова „спроти“ денес, може да биде низводно утре!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



