Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте-амам синоќа беше отворена изложбата „Кон почетоците на Европската унија – италијанска архитектура и уметност за палатата Фарнезина“.
Изложбата на која се претставени дела од најпознатите сликари на италијанскиот модернизам и архитектонски скици од палатата Фарнезина, е дел од културната програма со која беше одбележано претседателството на Република Италија со ЕУ. Со неа завршува презентацијата на италијанската култура во Македонија која годинава беше поддржана и од Министерството за култура.
– Колекцијата на 22 дела од најпознатите сликари на италијанскиот модернизам и 16-те архитектонски скици ни ја раскажуваат историјата на ова уникатно здание изградено во далечната 1935 година кое има репутација на екслузивен културен простор во кој се сместени врвните дела на авторите кои се синоним за италијанската уметност денес – изјави министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Оваа репрезентативна изложба, додаде, е одлична можност македонската јавност да се запознае со архивскиот материјал за внатрешниот дизајн на палатата кој е дело на архитектот Енрико Дел Дебио но, и со современите уметнички креации на Афро Басалдела, Џани Бертини, Карла Акарди, Пиетро Дорацио, Карло Баталја, Антонио Санфилипо, Антонио Скордиа, Алберто Бевилаква, Америго Тот, Арналдо Помодоро и многу други кои во текот на 50-тите и 60-тите години на минатиот век, кога се поставуваа темелите на ЕУ, одиграа значајна улога во развојот и во афирмацијата на новите ликовни стилови во европската и во светската историја на уметноста.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.