Кога пред десет години Ненад Стевовиќ и Игор Ангелов ја почнаа авантурата со издавачката куќа „Или-или“ не очекуваа дека по една деценија работа ќе имаат 100 издадени книги од популарната едиција „Проаза“. Честа да застане зад оваа бројка му припадна на писателот Џон Фаулс со романот „Црвец“. Се работи за превод на четврта книга од овој култен британски писател, по романите „Колекционер“, „Волшебникот“ и „Жената на францускиот поручник“.
– Во 2004 година, во тоа време на нашите почетоци, стотка ни изгледаше како страшно голема, недостижна бројка. Но, како што одминуваше времето, така и ние учевме, се снаоѓавме, се отвораа нови можности, и стотката си дојде сама по себе – вели главниот уредник на скопската издавачка куќа Стевовиќ.
Освен јубилејната стотка, оваа скопска издавачка куќа во изминатиот период издаде неколку книги од домашни автори и неколку преводи на европски наградувани автори. „Атена со пенис” на Александар Русјаков, „Куфер за тројца” на Живко Гроздановски и „Вишнова хроника” на Фросина Пармаковска се новите романи во едицијата од млади домашни автори, додека есеистичката едиција со свои книги ја надополнија Снежана Младеновска – Анѓелков со филмската теорија „Слики со животна уверливост“ и Линдита Кадриу со двојазичните книжевни „Есеи“.
Стевовиќ признава дека не е лесно да си Дон Кихот во ова време.
– Не е лесно, особено кога се работи за издавачка куќа формирана со чист приватен капитал, кога не е наследнчка на поранешните големи издавачи со свои деловни простори, магацини, па и печатници. Тешко е и затоа што најголемиот број библиотеки со буџетски пари воопшто не се заинтересирани за нашите изданија. Дали се работи за нивна некомпетентност или свртеност само кон некои, можеби, партиски погодни издавачи, не знам – вели Стевовиќ.
„Или-или“ својата издавачка дејност ја почна во 2004 година со превод на романот „Читачот“ на германскиот писател Бернхард Шлинк, кој стана и најчитан автор во едицијата „Проаза“.
– Па мислам дека со Игор постигнавме многу, веројатно можело и повеќе и поинаку, но не, никако не треба да бидеме незадоволни – смета Стевовиќ.
Неговиот впечаток е дека се читаат книги, но, како што вели тој, што се чита, тоа е прашањето.
– Ние нудиме квалитетна преводна литература и тоа што особено нè радува се поквалитетни домашни автори, па кој сака нека повели – додава Стевовиќ.
Преводната литература, пак, е збогатена со преводи на романи од неколку европски јазици, со книгата на турската писателка Оја Бајдар „Мачешки писма“, на норвешкиот автор Гунстеин Баке „Мод и Од“, потоа, тука се и Унгарецот Шандор Жигмонд Пап со „Ништожни мали животи“, Швеѓанецот Пер Олов Енквист со „Посетата на дворскиот лекар“, како и нашинката Алина Апостолска со превод од француски на наградуваниот роман „Едно лето од љубов и пепел“.
– Ќе продолжиме како и досега, ќе се обидеме да развиеме и некои нови едици, ќе отвориме кафе-книжарница. Ќе биде убаво – ги најавува активностите за во иднина главниот уредник на издавачката куќа.
По повод јубилејот, во книжарницата „Или—или“ од денеска до 13 декември читателите ќе можат да ги купат книгите со попуст од 20 проценти до 70 проценти, за главното одбележување на јубилејот да заврши в сабота, од 10 до 16 часот, низ коктел-дружба со авторите и преведувачите на оваа скопска издавачка куќа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Промоција на книгата „Конзерваторско-реставраторски методи и третмани на Охридската збирка икони“од Ангелина Поповска
-
Промоција на книга раскази за Ново маало од Владимир Плавевски
-
Промоција на книгата „Љубовта на Генерал Ш“ од Лира Бојку во Паркот на книгите
-
Промоција на збирката раскази „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало“ од Владимир Плавевски