| четврток, 6 декември 2018 |

Лино Червар: Фаворитската улога ја има Вардар

Утре во СЦ „Борис Трајковски“ ќе се сретнат најголемите ракометни ривали на балканот Металург и Вардар во рамките од СЕХА-лигата.
Ова е втор натпревар оваа сезона меѓу лутите ривали откако во првиот натпревар во „Кале“ „црвено-црните“ беа подобри со 27-21.
Овој натпревар доаѓа во незгоден момент за „металурзите“ бидејќи поради кризата што ја зафати македонскиот шампион и напуштањето на странците во клубот, имаат проблем и со повредени играчи.
Овој натпревар за двата клуба е од големо значење за подобрување на состојбата на табелата и освојување место што води на завршниот турнир.

– По исцрпувачкиот распоред во Лигата на шампионите ни доаѓа големо дерби против Вардар. Неколку наши ракометарари се жалат на повреди и по денешниот тренинг ќе имаме јасна слика со кои играчи ќе настапиме – изјави Лино Червар во пресрет на дуелот со Вардар.

На табелата во СЕХА-лигата Вардар е на третото место со 21 бод од девет натпревари, додека Металург е на шестото место, но со два меча помалку.

– Овој натпревар некогаш беше големо балканско дерби, но сега работите се поинакви. Вардар е голем фаворит и има убава можност далеку да стигне во Лигата на шампионите. И тие, секако, нема да можат да истрчаат во најсилниот состав поради повредите на Лацковиќ и на Карачиќ, но тоа се нивни грижи – додаде Червар.

Гоце Георгиевски, кој е стандарден во составот, вети максимална борбеност во текот на целиот натпревар.

– Сите играчи сме свесни за големината на овој натпревар. Можам да ветам од името на сите дека ќе одиграме максимално концетрирано. Знаеме што значеле дуелите со Вардар, макар биле и пријателски. Секогаш изобилуваат со жар, борбеност, притисок. Вардар е фаворит и тоа можеби им создава дополнителен притисок. Исцрпени сме од натпреварот против Мешков Брест, но нема лесно да се предадеме – нагласи Георгиевски.

Натпреварот се игра во СЦ „Борис Трајковски“ во среда со почеток од 20.15 часот. Управата на Металург соопшти дека за сите тие нивни поддржувачи што имаат блок-билети овој натпревар со Вардар и тој во недела против Веспрем
ќе биде бесплатен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top