| четврток, 6 декември 2018 |

Клаус: Македонија и Грција со заедничка валута

Вацлав Клаус, доскорашниот претседател на Чешката Република, на шега ѝ препорача на Грција да прифати заедничка валута со Македонија, како излез од финансиските проблеми и надминување на спорот за името. Клаус зборуваше за економската криза во Грција и во Европа во целина во либертаријанскиот институт „Кејто“ во Вашингтон, каде што препорача Грција да ја напушти Европската унија.

На прашањето за грчкото вето за македонските интеграции, Клаус одговори:

– Не сакам да давам силни изјави. Се сеќавам кога бев на самитот на НАТО во Букурешт со другите 28 шефови на држави. Поминаа осум часа, од 20 часот вечерта до 4 утрината, обидувајќи се да ја убедиме Грција да ја смени позицијата. И јас учестував во таа дебата, и што друго да кажам. Би требало да имате една валута со Грција. Можеби тоа би го решило проблемот, да ѝ предложите на Грција да имате една валута и ќе видиме – изјави Клаус, кој беше на чело на Чешка од 2003 година до минатата недела.

drahma

Во своето обраќање Клаус, кој е познат како чест критичар на Европската унија, препорача спроведување  суштински промени во ЕУ и во начинот на нејзиното функционирање за да се спаси европскиот проект. Тој препорачува исклучување на држави од еврозоната и нејзино сведување на околу осум од сегашните 17 држави.

– Не верувам дека ЕУ треба да се укине, сè уште може да се реформира. Но, сметам дека сме на крстопат и не можеме да продолжиме напред вака. Мислам дека е можно неколку држави да си заминат и сè ќе биде подобро – изјави Клаус.

Ваквото исклучување на држави од еврозоната тој го спореди со разделбата на Чешка и Словачка од заедничката држава Чехословачка. Според Клаус, заминувањето на Грција, што претставува околу два проценти од европската економија, ќе биде многу помала траума отколку што била ’кадифената‘ разделба на Чехословачка, каде што помалиот партнер, Словачка, претставувал дури една третина од економијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top