Во натпревар кој однапред се знаеше дека ќе изобилува со многу голови Вардар во осмото коло од Лигата на шампионите успеа да слави многу значајна победа на гостувањето во Москва против Чеховски Медведи со 39-34.
Иако десеткувани со само еден бек на левата позиција Сергеј Горбок, црвено-црните беа свесни и пред овој натпревар дека мора да се победи и тоа го остварија. Квалитетот беше пресуден иако младите ракометари на домаќинот не се предаваа и со одлични напади пред се на фантастичниот Дервен кој постигна дури 12 гола беа сериозен противник.
Вардарци одиграа одлично во нападот. Сите што добија шанса од тренерот Раул Гонзалес одлично ја искористија. Горбок, Карачиќ, Тоскиќ, Дибиров, Дујшебаев беа нерешлива енигма. Иако на голот на домаќините беше расположениот руски репрезентативец Грамс кој успеа да фати 15 топки македонскиот преставник се враќа со сигурна победа од пет разлика.
Во средината на вториот дел Чеховски Медведи брзо ја анулираше негативата од четири гола, а во 37 минута успеа и да поведе. Во финишот од натпреварот Арпад Штербик се „разбуди“ и ги доведе во очај противниците кои не можеа да го совладаат пет напади по ред. Тоа го искористија вардаци и рутински реализираа неколку напади и да го приведат натпреварот до крај.
Игор Карачиќ беше најефикасен кај црвено-црните со осум гола, а одлична партија пружи и Дујшебаев со шест, Дибиров и Горбок по пет погодоци.
Со оваа победа Вардар има 11 бода три повеќе од Рајн Некар кој има натпревар помалку против Веспрем на домашен терен.
Последните две кола од групната фаза во Лигата на шампионите ќе се одиграа по паузата за Светското првенство во Катар во февруари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




