Полската полиција откри голема нелегална фабрика за цигари во близина на Лоѓ, во јужниот дел на Полска, каде што за полски сопственик цигари за шверц произведувале македонски државјани, објави „Дојче веле“.
Главен организатор на полско-македонската организирана група и работодавец е 36-годишен Полјак. Осуммина државјани на Македонија биле негови вработени и биле сместени на теренот на фабриката, освен тоа, двајца Полјаци биле вработени како обезбедување.
– Во фабриката се запленети два тони тутун, 165 илјади цигари, милион филтери и 700 илјади празни картонски боксови за пакување. Во две хали со површина од по околу 1.500 квадратни метри полицијата нашла технолошка линија за производство на цигари на која работеле осуммина Македонци на возраст од 27 до 60 години – изјави портпаролката на полицијата во Лоѓ, Јоана Качка.
Сите единаесет мажи се уапсени, а Централното истражно биро ги обвини за учество во организирана криминална група која се занимавала со нелегално производство на цигари. За тоа на обвинетите им се заканува казна од пет години затвор, а на Полјакот, организатор и шеф на нелегалната работа, до 10 години затвор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.