| четврток, 6 декември 2018 |

Злобници

Ацо Станковски

Ацо Станковски

Нив ги има многу, нивните чудни краци што се во фаза на перманентно испитување се завлекуваат во сите, навидум енигматични процепи и напипуваат сè што може да се оцрни, да компромитира и да понижи, сè што може на овие злобници од кариера да им послужи да го руинираат достоинството на личностите, што се предмет на нивната обработка. Секако, овие целни индивидуи за професионалните злобници се веќе ставени на црните листи за прогон, а мисијата мора темелно да се одработи, за јавното менение да добие лоша слика за тие избраници од инкриминираните листи, луѓе што не се на иста линија во однос на политичката агенда и очекувањата на финансискиот покровител на злобниците. Големи се сумите што нивниот идеолошки и политички газда ги издвојува за нивната агресивна стратегија. Што повеќе злоба, толку хонорарите стануваат поголеми. Така овие профитери на концептуалното клеветење, во зависност од својата активност и ефектите од нивните аморални дејства, полека, но сигурно се издигаат во хиерархијата на таканаречената „пирамида на отпорот“. Ова, пак, подразбира и зголемување на хонорарите, кои злобниците ги примаат. Статусот „пак во комуната на отпорот“ им расте паралелно со растежот на нивното влијание, што, од друга страна, им носи нови и, помалку или повеќе суптилни погодности. Некои од нив дури доживуваат екстраординарна инаугурација, со што доаѓаат и до цели мали или поголеми богатства. Овие последниве, најуспешните, се воедно и најзлобните меѓу нив, тоа се злобници со исклучителна негативна енергија и бесловесност. Токму од нив се бара и најмногу агресивност и деструктивност, така што овие злобници имаат стравотно тешка задача, која по малку и ги плаши, а тоа е по секоја цена да ја обезбедат власта за големиот газда. Така во сиромашните општества, во кои преживувањето бара внесување на многу поголема енергија, отколку во тие општества на благостостојба, каде што човек не треба многу да се измачи за да дојде до попристоен квалитет на живот, злобниците се намножија во енормни количества, а меѓу нив се појави конкуренција и ривалство. Конечно, средствата што ги лиферува големиот газда не се неограничени, а на крајот на краиштата, незадоволството треба да се одржува во неговата изворна и оригинална форма, која секогаш се издига како сублимен чад на поплаки и на незадоволство од страшниот оган на перманентната сиромаштија, која, еве, трае веќе со децении, ако не и со векови, на ова место, неспособно да ја измени својата мизерна судбина кон подобро. Но, и да се случи некое подобрување во економскиот дел од ова парадоксално општество, злобниците ќе направат сè за тоа да не се види или да се акцептира низ деформирана диоптрија, како резултат на нивната перманентна негативност и злобна импутација на деструкција и клеветење. За нив вистината, конечно, не е ни важна. Посебно за нивниот газда, кого единствено го интересира власта и политичката моќ. За вистината нека се грижат филозофите, за кои има сè помалку работни места во овој свет, во кој безброј помали и поголеми вистини го бараат своето парче бенефит.

Ете така сите овие злобници ја спојуваат „принципиелноста“ и „користа“ многу едноставно и без преголеми дисторзии на сомнеж, кој отсекогаш бил битен квалитативен сегмент во секоја значајна и продуктивна мудрост. Всушност, тие се подготвени да бидат апологети на вистината на секој тој, што ќе плати повеќе за нивната неспоредливо прецизна и инфлуентна тестимонија. Оваа сцена има многу талентирани злобници, но, за жал, пазарот е исклучително мал и голем дел од нив остануваат на тоа инфериорно ниво, кое отсекогаш било резервирано за пасионираните ентузијасти, кои никако да извлечат буџет за своите аматерски емитирања злоба и клеветење. Нивната практика одамна се претвори во национален спорт, а злобници-рекреативци ќе видите на секој чекор.

Треба со својата злоба професионално и упорно да дејствувате за да влезете во видното поле на големиот газда и неговите локални сатрапи да ве благословат со хонорар. Потоа треба уште пожестоко да продолжите во оваа насока, за ефектите од вашата злоба да предизвикаат дисторзија во противничките редови. Е тогаш дисаѓите на големиот газда несебично ќе се расчепат, а кон вас ќе запрска вистинска дијареа од злато. Некои злобници создадоа вистински имагинарни златни кокошки од силата, сеопфатноста и упорноста на својата добро профилирана злоба. Се прашувам, дали ги плаќаат своите давачки кон државното социјално осигурување. Веројатно не, затоа што тоа би го затапило острилото на нивната злоба. Знаат тие како треба. И сè така, додека не ја освојат власта, од што длабоко во себе искрено се плашат, зошто во тој момент ќе останат на суво.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top