| четврток, 6 декември 2018 |

„Или-или“ ќе ја промовира книгата „Куфер за тројца“ од Живко Грозданоски

Во МКЦ вечерва, во 20 часот, ќе се одржи промоција на „Куфер за тројца“ од Живко Грозданоски. За книгата ќе зборуваат проф. Билјана Ванковска и писателот Иван Шопов.

– Со голема леснотија и многу хумор, кој понекогаш е урнебесен, а понекогаш многу горчлив и повеќе нè тера на плачење отколку на смеење, авторот зборува за сеопштата „сапунизација“ и тривијализација на секојдневието, вешто поигрувајќи си со конвенциите и општите места од она што е масовна и поп култура. Боејќи ги приказните со локален колорит, Грозданоски не ја штеди малограѓанштината, глупавоста и плашливоста на просечниот човек. Нарацијата, која на моменти изгледа мрачна, е разбиена со бројните младешки анегдоти и натопена е со емотивност која вешто се спасува од патетиката. Понекогаш раскажани со едноставен израз, а понекогаш со радикални постапки и техники (како новелата „За животот на едно дрво“ која има дури триесет различни наратори), приказните на Живко Грозданоски имаат една заедничка карактеристика: секогаш ве тераат да ја свртите следната страница и да продолжите со читањето – ќе забележи Иван Шопов.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top