| четврток, 6 декември 2018 |

Промоција на книгата „Куфер за тројца“ во МКЦ од Живко Грозданоски

kufer za trojca
В петок, на 5 декември, во 20 часот во галеријата на Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се промовирра „Куфер за тројца“, новиот роман од  Живко Грозданоски во издание на „Или-или“.
За книгата ќе говорат професорката Билјана Ванковска и писателот Иван Шопов, а извадоци од романот ќе чита Елена Митреска.
Ова е 96. наслов во популарната едиција ПРОаЗА на „Или-или“ за кој илустрацијата на корицата е на Марија Смилевска, дизајнот го изработи бригада.мк, а книгата излезе со поддршкка на Министерството за култура на РМ.
„Куфер за тројца“ се состои од три новели: „Ќе те сакам засекогаш“, „Куфер за тројца“ и „За животот на едно дрво“. Со голема леснотија и со многу хумор, кој понекогаш е урнебесен, а понекогаш е многу горчлив и повеќе нè тера на плачење отколку на смеење, авторот зборува за сеопштата „сапунизација“ и тривијализација на секојдневието, вешто поигрувајќи си со конвенциите и општите места од она што е масовна и поп-култура.
Живко Грозданоски е роден есента 1986 година во Кичево. Досега ги објави книгите „Песок и свила“ (поезија, 2005), „Отпечатоци врз коцки мраз“ (куси-куси раскази, 2009) и „Приказни за тревите“ (раскази, 2011). Од италијански јазик превел дела од А. Барико, И. Звево, Е. Монтале и Н. Аманити. Живее и работи во Скопје.
– Боејќи ги приказните со локален колорит, Грозданоски не ја штеди малограѓанштината, глупавоста и плашливоста на просечниот човек. Нарацијата која на моменти изгледа мрачна е разбиена со бројните младешки анегдоти и натопена е со емотивност која вешто се спасува од патетиката. Понекогаш раскажани со едноставен израз, а понекогаш со радикални постапки и техники (како новелата „За животот на едно дрво“ која има дури триесет различни наратори), приказните на Живко Грозданоски имаат една заедничка карактеристика: секогаш ве тераат да ја свртите следната страница и да продолжите со читањето – вели писателот Иван Шопов во освртот кон книгата на Гроздановски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top