| четврток, 6 декември 2018 |

Изложбата на фотографии од проектот „Внатрешни траги” на Ана Лазаревска

ana lazarevska

Во независниот културен центар „Ку-Ла“ вечерва (20 часот) ќе се отвори изложба на фотографии од последниот авторски проект на Ана Лазаревска.

Нејзиниот најнов проект, насловен „Внатрешни траги“, ја користи фотографијата за да пренесе моќни перформативни движења во стари, најчесто напуштени куќи, како спој помеѓу непредвидливата сегашност и враќањето кон минатото и предците.

– Во нејзиниот најнов проект „Внатрешни траги“, употребувајќи ја фотографијата како еден од најелегичните модуси на изразување, авторката документира интензивирана релација со секвенцата минато, осведочено „memento mori“ во ентериерот на стари, напуштени, селски куќи. Но, додава и дополнителен визуелен контекст преку осведочениот перформанс изведен со спонтани транс-движења на нејзиното тело во просторот – директна референца за емоционалното до(-о)живување потенцирано со мизансценот на трошната куќа – вели кураторката на изложбата Бојана Јанева-Шемова.

Авторката Лазаревски вели дека при создавањето на делата се водела од внатрешниот импулс за изразување преку перформативно движење.

– Движењата се родија инспирирани од примордијалното чувство на враќање кон моето минато и минатото на моите предци. Просторот во кој движењата ги добија своите природни форми се стари, и најчесто напуштени куќи. Со синтезата меѓу трошната граѓа од куќите-остатоци и вивидната форма на движењата-зачетоци, се отвора прашањето за непостојаноста и променливоста на сѐ, односно што е она што било и што ќе остане од сето тоа, каде престанува сѐ? Токму тука, фотографијата се појавува како сведок-медиум на мојата непредвидлива и променлива реакција, како документ за ефемерноста на нештата. При процесот на документација и создавање, движењето, свесноста за кадарот, композицијата и светлината се појавија како елементи кои допринесоа кон низа дополнителни прашања во однос на меѓусебната релација на перформансот и фотографијата, како канал за презентација на внатрешните траги – вели Лазаревска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top