| четврток, 6 декември 2018 |

Чекорот кон себеси е чекор кон иднината

Симона Јандревска

Симона Јандревска, Практикант во “Регионален Менаџмент”, Deutsche Bank AG Франкфурт, Германија

Многупати слушаме и читаме како инвестициите во себеси се единствените инвестиции долгорочно исплатливи и воедно вредни. Интересна концепција која често се врти и низ книгите на Исак Асимов е потребата од промени, како есенцијални и единствено вредни категории на кои луѓето треба да работат индивидуално. Според Исак, убавината не лежи во сознанието, туку во самото откривање. Слично на него размислува и Буковски кога вели дека единственото знаење доаѓа однатре, од самите нас и единствено преку нашата волја да стигнеме до истото.

Една убава навика на многу успешни луѓе е читањето книги. Постојат безброј позитивни придобивки од читањето книги кои во најмала рака влијаат врз градењето и развивањето на крилјата на фантазијата и збогатувањето на човековиот вокабулар, воедно и чинење на едно секојдневие поинтересно кога самите сме ставени во улога на режисери на едно нетипично сценарио. Друга уште поубава навика е посетата на разни клубови на читатели каде гласно се разговара за суштината на едно дело, а со тоа и се воспоставува длабока комуникација меѓу различни луѓе, со различни позадини кои имаат да споделат различни искуства. Иницијативите за отворање на што поголем број читални и библиотеки во Македонија е исто за поздрав, долгорочно тоа води не само кон поголема писменост и префинетост, туку и кон поголема духовност на сите нас.

Сепак, трендот на модерниот живот денес, кој подразбира најчесто долги часови поминати на работното место или многу обврски кои го окупираат нашето слободно време, нѐ прави сите по малку незаинтересирани и уморни да инвестираме што повеќе во себеси. Независно дали станува збор за спорт, посета на разни курсеви, танцови дисциплини или читање, односно цртање, често сме толку уморни што дури и самата комуникација со најблиските станува заморна. Трендот на модерниот живот денес неосетно нѐ втурнува во еден магичен круг на повторување еднолични дејствија каде нема доволно голем простор за внесување нови сознанија и хоризонти. Тука најчесто се прави и најголемата грешка, кога се убедуваме дека е период и ќе помине, додека неосетно дозволуваме да ни прејде во совршена навика.

Секоја чест на исклучоците кои со одличен менаџмент на времето успеваат да балансираат меѓу разните активности и да развијат силна себедисциплинираност. Една работа која навистина многу се почитува во државите од Западна Европа, генерално, е себедисциплинираноста и немањето простор да се создаде изговор за непосетување тренинг, час по танц, читање книга. Интензивно, книги се читаат за време на пауза за ручек, во јавен превоз, во парк или на самиот бучен плоштад. Паузите за ручек неретко се искористуваат за тренинг или за час по пливање. Се радувам кога гледам дека истото станува сѐ поприменувано и кај нас, сметам дека тоа е добро кое го правиме за себе, а од кое корист утре би имале многу останати личности. Понатаму, разните отворени предавања на универзитетите кои можат да ги посетуваат сите, се одлична можност да се дознае нешто повеќе за областа во која една личност нема големи познавања. Интересно кај овие предавања е што секогаш дискусијата има толку многу различни правци колку што има слушатели и учесници во неа. Секако, еден правник и еден економист немаат ист став за оправданоста на можна воена интервенција на Германија во ИСИС, што се пак дијаметрално спротивни од ставот кој го има еден студент по медицина или психологија. Убавината на светот денес лежи во различностите.

Немањето време за себеинвестиција е изговор кој нема оправдување. Исто како што нема оправдување и заобиколувањето на желбата за студии поради навршување на возраст далеку поголема во однос на просечната студентска. Светот оди напред во согласност со импутот на неговата моторна сила која ја чинат сите индивидуи. Единствените изговори кои треба да постојат се ониe кои поттикнуваат на конструктивен дијалог на прашањата зошто токму „Пиреј“ е дело прочитано пред „Кога ја љубев Дениција“, зошто „Лебедово Езеро“ е поинтереснo од „Оревокршачка“.

Кога инвестираме во себеси, без оглед дали станува збор за читање, пеење, цртање, патување, тогаш инвестираме во подобро утре во согласност со искуството кое ќе можеме да го споделиме. Помагајќи си себеси, им помагаме и на другите. Советите кои можеме да ги дадеме некому може да му се од пресудно значење. Знаењето треба да се споделува како би ја достигнало својата вистинска вредност. Секако, дури и теоријата дека секој ученик треба да го надмине својот учител, можеме да ја интерпретираме слободно кога би ги отвориле своите порти за останатите, кога би виделе дека некому она што ние би му го кажале во даден момент, би му играло навистина голема улога.

– Дури и докторот да ми каже дека имам само уште шест минути да живеам, јас би пишувал уште побрзо – пишува Исак што е јасна, силна и мотивациска порака применлива во сите области од човековиот живот. Сликата која ја градиме за светот силно се рефлектира во нашето поведение и на истата има одлучувачко влијание степенот на зрелост и информираност до кој сме способни самите да се развиеме. Од нашите себеинвестиции зависи сценариото кое популарно го нарекуваме иднина.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top