Бугарскиот претседател Росен Плевнелиев сака во Бугарија да биде формирана експертска влада, слична на онаа во Италија што беше предводена од Марио Монти.
– Сакам да работиме како што Монти успеа да направи во Италија. Треба да имаме повеќе амбиции освен организирање на претстојните избори на 12 мај и да ја надминеме малата криза – изјави Плевнелиев во интервју за австрискиот „Стандард“.
– Треба да ја искоритиме позитивната енергија што ја има во овој момент на улиците и во интернет-мрежата во Бугарија – додаде бугарскиот претседател.
Во неделата илјадници луѓе повторно протестираа во Софија и во повеќе други градови против сиромаштијата и корупцијата на политичката елита во земјата по повикот на групи од граѓанскиот сектор. Бугарија веќе четири недели секојдневно е потресувана од протести.
Утре треба да се именува новата служебна влада, посочува Плевнелиев. Таа ќе почне со работа веќе следниот ден, а парламентот ќе биде распуштен.
– Владата ќе биде составена од жени и мажи, кои сами си ја изградиле репутацијата и насобрале знаења и умеења – тврди бугарскиот претседател.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


