
Тимчо Муцунски, докторанд на Правниот факултет „Јустинијан Први“
Во услови на сѐ уште присутна економска криза во Европа и постепениот пад на економскиот раст на земјите во развој неодамна објавените податоци на Државниот завод за статистика на Република Македонија спектакуларно им пркосат на наведените економски законитости. Имено, фактите покажуваат дека македонската индустрија во последните четиринаесет месеци има незапирлив раст од 7,5 проценти во однос на минатата година или за над 5 проценти за изминатите десет месеци од оваа година. Растот на нашето индустриско производство се должи на добрите резултати на компаниите кои работат во слободните технолошко- индустриски зони, како и на домашните трговски друштва во областа на металната, текстилната и градежната индустрија.
Наведените резултати со право им даваат надеж на граѓаните на Република Македонија дека и во наредниот период ќе биде забележан висок раст во најголемиот број од индустриските сектори, но и во секундарниот и во терцијарниот сектор.
Во време кога голем број земји во светот бараат нови модели за придвижување на нивните економии, нашата јасна и добра економска политика ги даде очекуваните резултати и продуцира висок раст на индустриското производство.
Добро воспоставениот баланс меѓу индустрискиот сектор и услужните дејности е особено значаен затоа што меѓународната трговија на услуги се шири многу побрзо од трговијата со стоки и притоа дава можности за паралелна поддршка на развојот на економијата во државата. Не случајно, Владата на Република Македонија сѐ поголемо внимание посветува кон развојот на банкарскиот сектор, на финансиите, осигурувањето, како и кон комуникациските технологии и информатиката, кои се исклучително продуктивни и остваруваат високи приходи и профити.
Како што веќе спомнав, од исклучително голема важност за нашиот економски раст беа солидните резултати на компаниите во слободните зони. Во наведената насока сакам да потсетам дека во текот на минатата година во Република Македонија влегоа преку 250 милиони странски инвестиции, кои истовремено отворија повеќе од 11.000 нови работни места. „Џонсон контрол“ инвестира 400 милиони евра и вработи 350 луѓе, „Кемет“ инвестира преку 35 милиони евра и вработи повеќе од 250 луѓе, „Џонсон Мети“ вложи нови 130 милиони евра и отвора преку 150 нови работни места, „Текнохозе“ инвестира 35 милиони евра и ќе вработи преку 100 луѓе итн. Ефектот од таквите странски инвестиции е повеќестран, а очекувањата се дека до крајот на оваа година извозот на стоки од слободните зони ќе изнесува повеќе од 1,2 милијарда евра (што претставува околу една третина од вкупниот извоз на Република Македонија во светот).
Почетокот на изградбата на крупните инфраструктурни проекти во рамките на нашата патна и железничка инфраструктура, потоа гасификацијата, и поголемиот број проекти во областа на туризмот се очекува да придонесат кон уште поголем и понатамошен раст на компаниите во градежништвото, енергетиката, хотелиерството и повеќе други сектори.
Доколку кон наведените перформанси ги додадеме и најавите за отворање на новите четири рудници за бакар и злато во источна и во југоисточна Македонија (Казан дол – кај Валандово, Иловица – кај Василево, Кадиица – Пехчево и Златица – кај Пробиштип и Кратово), резултатите се очекува да бидат повеќе од охрабрувачки. Јасно е дека остварувањето на наведените проекти ќе влијаат позитивно не само врз растот на БДП и индустриското производство, туку ќе придонесат и за намалување на бројот на невработените во овие региони, запирањето на процесот на иселување на населението, развојот на рударството, геологијата и за вклучувањето на поголем број кадри во рамките на образовниот и научноистражувачкиот процес.
Сите наведени остварувања не остануваат незабележани и кај меѓународните организации, финансиски институции и фондации, кои ги следат и анализираат актуелните случувања во меѓународната економија и финансии и кои на соодветен начин податоците ги преточуваат во рамките на своите извештаи.
Во најновиот 12. извештај на Светска банка „Дуинг бизнис“ Македонија е рангирана на високото 30 место, односно веднаш по Јапонија, а пред Франција, Полска и Шпанија.
Во извештајот на Фондацијата „Херитиџ“, според индексот на економски слободи, Република Македонија е рангирана на 43. место, за разлика од претходното 96. место, што претставува големо поместување напред. Таквиот показател е извонредна препорака за инвеститорите и за сите што се заинтересирани да воспостават каков било облик на деловна соработка со Македонија.
Според овогодишниот извештај за глобална конкуренција на Светскиот економски форум од Давос, напредувавме за десет места, односно од 73. се искачивме на 63. место (од вкупно 144 држави).
Не е случајно што Република Македонија има далеку подобра економска позиција во конкуренцијата со поголемиот дел од земјите во регионот и се здобива сосе поголем рејтинг во рамките на пошироката меѓународна економска сцена. Таквите постигнувања се резултат на добра и конзистентна економска и финансиска политика на Владата на Република Македонија и на сите мерки и активности кои во континуитет беа преземани од нејзина страна во претходниот период.
Силната верба во сопствените граѓани, максимална искористеност на кадровскиот и материјален потенцијал, реформите во образованието, добрата организација, силната поддршка на претприемаштвото, солидната промоција на државата надвор од нејзините граници, понудата на атрактивни услови за развој на бизнисот, користењето светски познатите искуства, воспоставувањето силна пазарна конкуренција, промоцијата на слободните зони, максималната посветеност кон успехот и силната визија за иднината беа само мал дел од мозаикот на веќе создадената прекрасна и поинаква слика за Македонија. Во оваа ера на силна глобализација, но и на натамошна политичка, економска и финансиска нестабилност во светот, Македонија продолжува брзо да чекори напред и да биде вистински пример за повеќето земји кои бараат да го откријат најблискиот пат кон засилен и одржлив економски развој.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


