Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.П.(50) и Б.Ш. (59) двајцата од Охрид. Во пријавата, поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „помагање“ опфатени се и Р.М (65), С.И.(63) и Љ.С.(36) сите од Охрид.
Првопријавениот А.П. во својство на градоначалник на општина Охрид и второпријавениот Б.Ш. во својство на директор на ЈП „Билјанини извори“ во текот на 2012 година, со претходна умисла, со искористување на нивната службена и општествена положба, углед и реално влијание, ја злоупотребиле службената положба и овластување.
Тие спротивно на законските одредби од Законот за градежно земјиште и спротивно на Одлука на Совет на општина Охрид од 27.04.2012 година, за давање на користење на простор на ЈП Билјанини извори, врз основа на фиктивна (изработена од нереални податоци и факти), „Студија за економската исплатливост при стопанисувањето со паркинзите во Охрид“, дозволиле да биде спроведена постапка и за период од пет години на приватен закупец да биде издадено под краткотраен закуп уредено градежно земјиште од 308 паркинг места во централното градско подрачје на Охрид.
Првопријавениот А.П. со склучување на Анекс на основен договор заведен само во друштвото РТ „Сузуки МТ“ му овозможил дополнителна противправна имотна корист на правното лице РТ „Сузуки МТ“ во износ од 554.000 денари, со што свесно пропуштил да ги наплати истите тие пари по основ ненаплатени комунални такси, правејќи на тој начин штета на буџетот на ЕЛС општина Охрид во истиот износ. Пријавените А.П и Б.Ш. неосновано барале и влијаеле врз членовите на У.О. на ЈП „Билјанини извори“, со цел истите да променат веќе претходно донесена одлука од 09.06. 2012 година определниот месечен закуп во износ од 300.000 денари, да го намалат на 160.000 денари.
Пријавениот Р.М. во својство на претседател на У.О. на ЈП „Билјани извори“, како и С.И. и Љ.С. како членови на У.О. на претпријатието, се товарат дека го сториле кривичното дело со помагање на пријавените А.П. и Б.Ш. Под нивно влијание се согласиле со носење на противправни одлуки за издавање под закуп на 308 паркинг места и со носење на нова Одлука за намалување на месечниот износ на закуп, (иако знаеле врз основ на претходно усвоен извештај дека во период на носење на одлуката за закуп на паркингот, во претходните 3 месеци оствариле приход од 4.000.000 денари, а со одлуката за давање под закуп од само 160.000 денари би оствариле приход од само 1.920.000 денари за цела година).
Со таквите свои постапки пријавените А.П и Б.Ш. помогнати од М.Р. ,С.И. и Љ.С. му овозможиле имотна корист на закупецот правното лице Радио Такси „Сузуки МТ “ ДООЕЛ Охрид, од вкупно 14.526.688 денари до 13.11. 2012 година и противправна материјална корист во износ од 1.394.000 денари а на штета на ЈП „Билјанини Извори“ Охрид.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.