Вечерва, во 20 часот во Галеријата на Младинсиот културен центар (МКЦ) е промоцијата на новиот роман „Неверство“ од Дејан Трајкоски.
За книгата ќе говорат пистелите Венко Андоновски, Ермис Лафазановски и Александар Прокопиев.
Парчиња од романот ќе интерпретираат актерот Жарко Димоски и режисерот Димче Николовски.
– „Неверство“ е роман што привлекува од првата реченица. Како што е општопознато, уметничката вредност на едно дело не зависи од темата, туку од формата : од начинот на кој е реализирана и врежана содржината во семиотичката супстанција. Овде, во овој роман, се среќаваме со автор што одлично располага и господари со наративните техники поврзани со полифоничноста на романот. Исклучително елегантно напишан роман – вели писателот Андоновски за новото дело на Трајковски.
Според Прокопиев, писателот Трајкоски ги пронаоѓал наративните лавиринти и тивките драмски можности, испишувајќи дело со навидум едноставна фабула, но сложена, повеќеслојна композиција.
– Процесот на создавање книжевно дело, и покрај сите детални анализи отпосле, останува тајна на авторот – вели Прокопиев.
Дејан Трајкоски е дипломиран професор по филозофија. Автор е на романот „Вистина, љубов“ (Рашомонијада) . Идеен творец и директор на Интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“. Од 2005 година работи како новинар во дневниот весник „Вечер“. Член е на Интернационалната федерација на филмски критичари ФИПРЕСЦИ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.