„Неверство“ е насловен романот на авторот Дејан Трајкоски кој ќе биде промовиран в понеделник во Младинскиот културен центар. Книгата ќе ја претстават писателите Венко Андоновски, Ермис Лафазановски и Александар Прокопиев, а извадоци ќе читаат актерот Жарко Димоски од „Театар Комедија“ и режисерот Димче Николовски.
Рецензент на романот е Венко Андоновски, кој, меѓу другото, пишува дека „Неверство“ на Дејан Трајкоски е роман кој привлекува од првата реченица.
– Како што е општопознато, уметничката вредност на едно дело не зависи од темата, туку од формата: од начинот на којшто е реализирана и врежана содржината во семиотичката супстанција. Овде, во овој роман, се среќаваме со автор кој одлично располага и господари со наративните техники поврзани со полифоничноста на романот. …Сите наратори ја раскажуваат истата историја (погледната од нивен аспект), но тоа го прават со една жива, пластична, стилски нијансирана, разговорна реченица која според своите квалитети, а често и според устројството, наликува на „живите“ раскажувачки практики на еден Петре М. Андреевски или еден Живко Чинго, пишува Андоновски во рецензијата.
Писателот Александар Прокопиев, пак, наведува дека во градењето и богатењето на приказната за животната и љубовна судбина на својот главен јунак Соне, писателот Дејан Трајкоски ги пронаоѓал наративните лавиринти и тивките драмски можности, испишувајќи дело со навидум едноставна фабула, но и сложена, повеќеслојна композиција.
– Авторот на „Неверство“ очигледно добро ја познава психологијата на ликовите, можеби и преку искуството на филмот, па оттаму низа впечатливи портрети во романот. Од друга страна, Трајкоски е верен на своите книжевни корени – во поглед на јазичната умешност, сочните дијалози и впечатлива описност – Петре М. Андреевски и Живко Чинго се вистински „татковци“ на неговата проза, пишува Прокопиев.
Дејан Трајкоски е дипломиран професор по филозофија. Автор е на романот „Вистина, љубов (Рашомонијада)“. Идеен автор и директор на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“. Од 2005 година работи како новинар во дневниот весник „Вечер“. Член е на Интернационалната федерација на филмски критичари ФИПРЕСЦИ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Палота до Барселона: Дајте ни го Меси и сè ви е простено
-
Картите се спремни: Рома го знае својот противник во Лигата на шампионите? (фото)
-
Ни крив, ни должен „фатил“ 42 000 евра: Одиграл на победа на Барселона, грешката на вработената го направила богат
-
Лудило во Рим: Претседателот на Рома скокна во фонтана (Видео)