Годината што е на заминување донесе врвни спортски спектакли, фантастични резултати, рекорди, а 2014 година, пред сѐ, ја одбележи фудбалскиот мундијал во Бразил, натпреварување што има феноменален рејтинг.
Фудбалските обожаватели уживаа во едномесечната летна одисеја на најдобрите репрезентации на планетата, собрани на едно место, на мундијалот во Бразил. Од 12 јуни до 13 јули повторно во акција беа најдобрите играчи, а круната ѝ припадна на Германија. Тенисот секогаш си има свое место при врвот на индивидуалните спортови, со атлети од калибарот на Новак Ѓоковиќ, Роџер Федерер, Серена Вилијамс, Марија Шарапова, Рафаел Надал. Годинава беше екстра-интересно, а се случи вистинско чудо, со осум различни шампиони на четирите гранслем-турнири.
Светско првенство во 2014 година се одржа и во кошарка, а волшебниците од НБА, собрани на едно место во тимот од соништата на САД, доминираа низ салите во Шпанија. Во најсилната лига на планетата, НБА, Сан Антонио ја освои круната, по четврти пат во ерата на златното трио Паркер – Данкан – Џинобили, предводени од тренерот Грег Попович.
Неверојатен подвиг приреди и 21-годишниот Шпанец Марк Маркез во мотоциклизам и тоа во најсилната класа, Гран-при. Со 13 победи во една сезона од 18 трки тој го урна рекордот на Дуан со најмногу победи во една сезона.
„Република“ во овој број ќе понуди листа на пет најуспешни атлети во 2014 година, што ќе конкурираат за наградата спортист на годината.

Новак Ѓоковиќ | тенис
Во сезона што понуди врвен тенис и повторно потврди дека овој спорт е сѐ попопуларен во глобални рамки, Новак Ѓоковиќ, пак, е број 1 според многу параметри. Србинот играше одлично во силна конкуренција и во сезона што ќе остане запаметена по осум различни победници на четирите гранслем-турнири. По четири различни шампиони во двете конкуренции, а Ѓоковиќ славеше, веројатно, на најпрестижниот, во Лондон на Вимблдон.
Патем, српскиот ас уште двапати играше во финалето, на Отвореното првенство на Австралија и на Ролан Гарос, а стана еден од ретките тенисери што ја почнал новата сезона како најдоброрангиран светски тенисер, па во текот на годината го загубил врвот (од Надал), за потоа да го врати тронот и да ја заврши сезоната повторно како прворангиран. Како круна на успешната тениска авантура за Ѓоковиќ во 2014 година е освојувањето на титулата на мастерс-купот, завршен турнир со учество на осумте најдобри играчи на планетата. Вкупниот ефект од седум титули во 2014 година, одличните игри и огромната популарност го исфрлаат Новак во врвот на кандидатите за спортист на годината.

Кристијано Роналдо | фудбал
Фудбалскиот магионичар не запира, а неговите претстави во 2014 година беа за огромен респект и го доведоа Реал Мадрид до популарната „Ла Десима“ или десетта титула европски првак. Со раскошниот талент и знаење Кристијано Роналдо одамна се наметна како лидер во ултраскапиот тим на „кралевите“, а целта беше исполнета, вредната и јубилејна европска круна заврши во витрините на Реал Мадрид. И индивидуалните карактеристики на офанзивецот во составот од Мадрид беа страшни, неверојатни, во многу категории рекордни и неповторливи.
Престижната награда на ФИФА „Балон д`Ор“, или златната топка му припадна на Роналдо, како десетти фудбалер во историјата што има две такви признанија. Тој е првиот играч што постигнал најмалку 25 погодоци во шпанското првенство петпати по ред. Со брилијантната претстава на „Алијанс арената“, на 23 април против тогаш актуелниот европски првак Баерн Минхен, популарниот ЦР7 го урна рекордот во Лигата на шампионите. Со два гола во убедливата победа од 4-0 во Минхен тој ја достигна границата од 16 погодоци во еден циклус во ЛШ. Рекорден биланс што само го подобри во финалниот меч против градскиот ривал Атлетико Мадрид, со уште еден погодок, вреден европска титула.
Дека сѐ уште е гладен за голови, победи и трофеи, Роналдо потврдува и во новата сезона. Со 18 погодоци на само 10 натпревари во шпанското првенство (на еден не играше) и три на четири дуели во Лигата на шампионите, ЦР7 најави нова спектакуларна сезона и ново феноменално гол-шоу и само потврди дека е еден од главните кандидати за признанието спортист на 2014 година.

Томас Милер | фудбал
Момчето што не се срами да носи топки на тренинзите на Баерн и на германската репрезентација, блесна на светското првенство во Бразил, а „елфот“ се закити со четвртата светска круна. Златниот медал, признанието за најдобар фудбалер и сребрената копачка за втор стрелец на СП заминаа кај Милер, фудбалер што беше енигма за противничките одбрани. Хет-трик од награди за респект и исполнување на сонот на 25-годишниот напаѓач на Баерн.
Мошне незгоден за чување, со голем радиус на трчање и постојана промена на местата, Милер беше недофатлив за ривалите и исклучително ефикасен. На седум натпревари истрча вкупно 84 километри, најмногу од сите фудбалери на мундијалот. Милер беше стрелец на пет гола, веднаш зад Џејмс Родригес на листата најдобри голгетери во Бразил.
Патем, Томас ја освои и двојната круна со Баерн во германскиот фудбал, откако се закити со титулата во Бундеслигата и со трофејот од германскиот куп.
Милер и во новата сезона е прв стрелец со шест гола во Бундеслигата, во друштво на уште четворица фудбалери, а продолжи да ги тресе мрежите и на интернационалната сцена. Најдобриот играч на големо натпреварување каков што е фудбалскиот мундијал секогаш е сериозен кандидат и за наградата спортист број 1.

Марк Маркез | мотоциклизам
Талент што ретко се раѓа и што веднаш својот огромен потенцијал го преточи во две вредни круни во мотоциклизмот, и тоа во најсилната класа, Мото Гран-при. Тоа е 21-годишниот шпански дијамант Марк Маркез. Со детски лик, но бестрашен на патеките со својот мотор од познатиот производител „Хонда“.
Маркез направи единствен подвиг лани, кога како дебитант на феноменален начин ја преслуша конкуренцијата составена од искусни волци и ја освои титулата во класата Гран-при. Роси, Лоренцо, Педроса и другите фаворити можеа само да му аплаудираат на најмладиот дебитант на врвните перформанси. Марк стана само вториот дебитант во историјата што веднаш ја освоил круната во најсилната класа во мотоциклизмот и воедно и најмлад победник.
За да докаже дека ништо не е случајно, туку плод на макотрпна работа и екстра-квалитет, Марк направи реприза годинава, и тоа во уште поголем стил. Тој ја одбрани круната на три трки пред крајот со уверлива предност, а на салдото си прокнижи дури 13 победи на 18 настапи, што е рекорд на сите времиња.
Минатиот труд и сегашните резултати ветуваат нови подвизи, а листата на рекорди е долга. Дури има и таков податок дека Шпанецот е возач што имал судир со најголема брзина во историјата на мототрките од Гран-при или тренинзите. Во Мугело, лани, со брзина од 336 километри на час падна, но, за среќа, остана неповреден. Тоа е бестрашниот шпански мотоциклист Марк Маркез, еден од кандидатите за големото спортско признание во 2014 година.

Кајри Ирвинг | кошарка
Кајри Ирвинг е ѕвезда во најава, иако ја игра четвртата сезона во НБА-лигата, која се смета за најсилно кошаркарско натпреварување на планетата. Епитетот најдобар играч во колеџ кошарката, Ирвинг го потврди со првата позиција на изборот на дебитанти во 2011 година, кога замина во Кливленд кавалирс.
Брзиот и итар бек во тимот од соништата на САД летоска на СП во Шпанија играше неверојатно добро. Американците многу лесно се закитија со злато. Во финалето Србија беше нокаутирана со цели 37 поени разлика. Со феноменалното шутерско шоу и со атрактивните дриблинзи Кајри ја одушеви публиката и сосема заслужено го доби вредното признание за најкорисен играч на турнирот (МВП). Против Србија постигна 26 поени, најмногу во финалето, а само неколку месеци претходно со 31 поен и 14 асистенции беше прогласен за МВП на мечот на сите ѕвезди во НБА, кој се одржа во Њу Орлеанс.
Двете индивидуални признанија и светското злато и најмногу потенцијалот на 22-годишниот бек на Кливленд ветуваат нови брилијантни претстави и во НБА и на интернационалната сцена, а го исфрлаат Ирвинг во најтесниот круг на кандидати за наградата најдобар спортист во 2014 година.
(Пишува: Зоран Поповски
Текст објавен во 116. број на неделникот „Република“, 21.11.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


