– Секојдневно сме под стрес. Илегалци кампуваат секаде. Ги гледаме покрај пругите со шатори, со огнови. Не знаеш кој ден ќе налеташ на некој што застанал на пруга. Електричните возови не можат да ги слушнат. Им сигнализираме, но некогаш е предоцна – коментираат машиновозачите што се подготвуваат да тргнат кон Гевгелија.
Нивната работа се претвори во хорор. Секојдневно стравуваат да не им се случи тоа што му се случило на некој од нивните колеги. За неполни два месеца се евидентирани пет случаи на железнички несреќи – прегазени се емигранти од Сирија и од Авганистан.
-Колку и да не си виновен, фактот дека си убил човек не те остава мирен. Тоа е стрес што неможе секој да го поднесе. Имаме колеги што не можат да дојдат на себе, бараат стручна помош – вели еден од машиновозачите со кого разговаравме на Железничката станица во Скопје.
Во последниов период е масовна појавата на емигрантите. Тие најчесто се движат во групи од по 20 до 30 луѓе покрај пругите или на нив, па понекогаш и покрај брзата реакција на машиновозачите да им сигнализираат, не може ништо да се направи. Се страхува дека оваа бројка ќе биде драстично зголемена во наредниот период, особено поради фактот што доаѓа зима и честа е појавата на магла, која уште повеќе ќе ја намали видливоста на пругите. Емигрантите се движат по пруга затоа што, прво, сигурни се дека нема да залутаат во непрооден терен и да се загубат, пругата ги води до населени места, а второ, сигурни се дека на овој начин мала е веројатноста да налетаат на полициски патроли. Сега, има шанси машиновозачот да забележи луѓе на пруга, да се обиде да ја намали брзината и со звучна сигнализација да ги предупреди тие што се движат по неа. Но, во услови на магла, ваквите шанси се значително намалени.
Се бара излез од ситуацијата, но оди тешко. Бројот на емигранти во овој период енормно расте. Едни бегаат поради бедата, други од политички причини, а трети, пак, од безбедносни причини, пред сѐ поради војните во Сирија, Ирак, Авганистан… Македонија сѐ почесто станува нивниот главен коридор за да стигнат до побогатите европски држави. Според официјалните податоци на МВР, од декември минатата година до септември годинава биле откриени 1.294 емигранти од земјите од Северна Африка и од Блискиот и од Далечниот Исток. Пред неколку месеци во Велес на железничка станица во вагони натоварен со јаглен беа откриени 132 лица, илегалци од Сирија и од Ирак.
– Емигрантите се обидуваат на сите можни начини да влезат во земјава. Поголем број ги користат товарните возови од Грција кон Велес, некои одат пеш или со возила. Има случаи кога емигранти со фалсификувани лични документи се обидуваат од Грција да влезат во земјава. Во 2014 година се откриени 40 случаи на шверцување емигранти, за што кривични пријави и притвор добиле 80 осомничени лица – велат од МВР.
Според податоците на МВР, бројката на емигранти се зголемува. Во 2013 година биле идентификувани 370 од 415 (415), од кои 46 проценти биле авганистански, пакистански и сириски државјани.
Во прифатен центар на трошок на државата
Од почетокот на годинава, пак, во прифатниот центар во Гази Баба се сместени вкупно 510 емигранти. За емигрантите државата секојдневно издвојува средства за лекарски прегледи, вакцинирање, лична хигиена, јадење и престој. Тие таму најмногу може да останат една година. Побаравме информација колку државата ја чини еден емигрант сместен во прифатниот центар. Но не добивме одговор на прашањето.
Некои од лицата се враќаат во матичната држава, на некои лица им се дава реадмисија. Најчесто во согласност со договорите за реадмисија илегалците им се враќаат на Грција и на Србија. Дел од нив бараат азил во земјава и додека трае постапката се префрлаат во прифатилиштето за азиланти.
– Дел од лицата од прифатните центри што веднаш побарале азил биле сместени во центарот за азиланти во Визбегово. Според податоци со кои располага МВР, емигрантите најчесто доаѓаат од Сирија, Авганистан, Палестина. Во текот на 2014 година во Република Македонија се поднесени вкупно 857 барања за признавање право на азил. Барањата се однесуваат за 863 лица – додаваат од МВР.
Тие нагласуваат дека државната граница не може да биде херметички затворена и дека секоја држава во регионот го има истиот проблем.
– Ги преземаме сите можни мерки за да се спречи нелегалната емиграција. Соработуваме со полициите од другите земји, се патролира на пограничните премини, но емигрантите се обидуваат да влезат и легално и нелегално во земјава и, сепак, ќе најдат начин да се провлечат – велат од МВР.
Машиновозачите на разговор со психолог
Од Македонски железници велат дека ги преземаат сите неопходни мерки за да се спречи ваквата појава со емигрантите и досега се избегнати многубројни инциденти.
– Се работи за неовластено движење, понекогаш нашите машиновозачи не можат ништо да направат за да го избегнат судирот со овие лица. Внимаваат колку што можат, но некогаш, едноставно, е премногу доцна иако досега се избегнати многу инциденти – вели за „Република“ директорот на „Македонски железници – транспорт“, Оливер Дерковски.
Според него, нема подрастични случаи во поглед на нарушена психофизичка состојба на машиновозачите, но, сепак, стресот е голем. По ваков инцидент на машиновозачите им следуваат три до пет дена одмор, како и разговор со овластено лице, психолог или социјален работник.
Во ничиjа земjа до следна шанса
Секоја земја од регионот има мака со илегалците. Се пронаоѓаат емигранти во камиони, скриени во вагони. Неофицијалните податоци велат дека секој емигрант за да премине од турска на грчка територија морал да даде по 3.200 евра, додека од македонска на српска територија требало да даде од 600 до 800 евра.Со денови или месеци знаат да останат на ничија територија – на преминот од една во друга територија. Македонскиот новинар Огнен Чанчаревиќ успеа да ги посети „жителите“ во ничија земја на македонско-грчката граница. Вели, меѓу нив има доктори, инженери, информатичари, цели семејства.Не бараат милостина, само помош да стигнат до „ветената земја“ во ЕУ и да бидат третирани како луѓе, а не како стока. Успеваат да влезат до Гевгелија, да купат од локалните продавници неопходни намирници и преку патот до пругата да се вратат повторно во привременото живеалиште – на пругата на ничија земја.
– Побегнав за да не загинам. Тоа е приказната и тоа е вистината. Ќе ја чуете од многумина. Сакам да одам во Шведска и таму да барам азил и да продолжам со нормален живот. Не знам како да стигнам до таму. Имам пари за да го платам транспортот, но чекам да ми се јават. Ќе ме чини 700 евра – му раскажал еден од емигрантите на новинарот Чанчаревиќ.
Поради војната продаваат сѐ што имаат во Сирија, Ирак, Авганистан. Нивната цел е некоја западноевропска земја. И додека седат во ничија земја се чуваат и од македонска и од грчка гранична полиција. Кога ќе се појават Грците бегаат кон Македонија, кога, пак, македонската патрола ќе тргне кон нив, тие се упатуваат на грчка територија.
(Пишува: Билјана Зафирова
Текст објавен во 116. број на неделникот „Република“, 21.11.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.