Почетокот на новата година ѝ навести бурни денови на Македонија – на меѓународната, а особено на домашната, политичка сцена. Експлозиите покрај полициските станици во Прилеп на 4 јануари, а по неколку дена и во Куманово отворија врата на чувства дека косовските случувања може да се прелеат и преку границата. Тие експлозии открија дека Македонија, всушност, е „зоната 2“, како што ја нарекуваше Ослободителната армија на Косово, која ја презеде одговорноста за бомбашките напади.
Ослободителна армија на Косово се заканува: „Ќе гори и Македонија!“
– Ослободителната армија на Косово (ОАК) навистина е предизвикувач на последните експлозии во македонските градови – изјави за приштинскиот дневен весник „Коха диторе“ неименуван извор близок на таа илегална организација објаснувајќи дека акциите се преземени бидејќи македонските тајни служби работат заедно со белградските против ОАК.
По бомбашките напади во Гостивар, Куманово и во Прилеп Владата демантира дека експлозиите се дело на ОАК.
– Македонската влада вчера демантираше дека подметнатите бомби што во неделата навечер експлодираа во Прилеп и во Куманово се поврзани со Ослободителната армија на Косово или со која било терористичка организација однадвор. Според агенцијата „Макфакс“, македонската полиција има идентичен став. МВР вчера соопшти дека истрагата е во тек, дека се утврдени видот на експлозивот и начинот на неговото активирање и – ништо повеќе. Познавачите велат дека бомбите што експлодираа во Гостивар, Куманово и во Прилеп, а за кои одговорноста ја презеде ОАК, содржеле исто количество експлозив, а неофицијално се претпоставува дека биле изработени од ист експлозив. Партиите на Албанците во Македонија велат дека немаат никакви сознанија за подметнатите бомби. Од ПДП немаат што да коментираат бидејќи немаат доволно информации за тие настани. Од ДПА велат дека за бомбите дознале од медиумите и оти тие се последица на погрешната и ирационална политика што во Македонија ја спроведува коалицијата СДСМ-ПДП.
Горчината од стравот од воени дејствија нарасна подоцна кога повеќе од десет илјади Албанци демонстрираа поддршка и солидарност на ОВК, од каде што се слушна и подготвеност за учество во тие воени дејствија.
Настаните на северот од границата го продолжија останувањето на меѓународната мисија УНПРЕДЕП во Македонија како гаранција за безбедноста на границите.
На македонскиот аеродром слетаа високи претставници од светската политичка сцена. Во Амбасадата на САД во Скопје се одржува средба на американскиот дипломат Ричард Холбрук со политичкиот лидер на Косово, Ибрахим Ругова. Во Скопје доаѓаат и Хавиер Солана и генералот на НАТО Весли Кларк, па и британскиот принц Чарлс. Но целта е јасна, Македонија се најде на картата на НАТО во идните акции против режимот на Милошевиќ. Кога беше јасно дека на Косово почнува општа војна, Солана и Кларк добиваат дозвола НАТО да се стационира во Македонија. Притоа Солана убедуваше дека таа солидарност „нема да остане незабележана“.
Економија
Процесот на приватизација продолжува. Дел од медиумите јавуваат дека за вработени се подготвуваат отказни решенија иако некои од нив биле против тоа. Секако, во изборната година се влегува со податоци за растечко вработување. Откако во Македонија влегува странски капитал со т.н. секундарна приватизација (Техногас, Струмица табак, Усје, Балканстил, Скопска пивара, Гранд хотел…), БДП добива реален раст од 2,9 проценти, што е двојно повеќе од претходната година, но е далеку од предвидените 5 проценти. Сепак, невработеноста е на ниво од 34,5 проценти, а сиромаштијата не се намалува. Во сила е новиот Закон за вработување, но резултатите се кријат по само два месеци.
„По празниците регистрирани 530 нови вработувања без придонеси“ (Дневник, јануари 1998)
– Според Заводот за вработување во земјава се регистрирани 530 нови вработувања, за кои работодавците ќе ги искористат поволностите на Законот за вработување. Ослободувањето од плаќање придонеси важи само за лицата што заклучно со 30 декември 1997 година најмалку една година биле евидентирани во Законот за вработување.
„По владината акција, бројот на невработените стана државна тајна“ (Дневник, март 1998)
– Последниот број на невработени со кој располага Заводот за вработување е од 31 декември 1997 година – 270.979 лица. По донесувањето на Законот за зголемување на вработеноста, Владата соопштува дека бројот на нововработени лица е околу 10.000 лица за првите два месеца. Сите тие податоци се достапни, освен промените во бројот на невработените за тој период. Таа бројка по почнувањето на владината акција за вработување стана најголема државна тајна. Некои процени велат дека паралелно со новите 10.000 вработувања, според новиот Закон, бројот на невработените се зголемил за 14.000 лица.
„Вработените во ЈСП обвинуваат: Отказни решенија за тие што се против приватизацијата“
– Вработените од Јавното сообраќајно претпријатие преку анкета го кажаа своето мислење за начинот на трансформацијата на нивното претпријатие. Резултатите од анкетата сѐ уште се тајна. Работниците во ЈСП тврдат дека директорите со отказни решенија ги принудуваат работниците да се изјаснат за приватизацијата.
Протест на работниците на „Купрум“: „Штрајкуваат со глад и бараат праведна приватизација“
– Во шатор поставен на влезот во дворот на фабриката за обоени метали „Купрум“ во скопската населба Хром веќе трет ден со глад штрајкуваат шест работници, предводени од претседателот на независниот фабрички синдикат, Јосиф Јосифовски. Работниците бараат да им се исплатат заостанатите плати за петнаесет месеци и бараат судот да ги забрани сите активности во врска со приватизацијата сѐ додека не се реши статусот на претпријатието.
Петар Костовски, разрешениот директор на битолската фабрика за шеќер, тврди: „Ме смени македонската финансиска мафија“
– Во сите земји во транзиција, шеќерот, маслото и тутунот, како и оризот и житото, ги контролира мафијата. Од тоа не е исклучена ни Македонија. Домашната финансиска мафија со нечиј благослов и со поткупени луѓе од фабриката ме смени зашто не им одговарав. Битолската фабрика за шеќер порано произведуваше само 7.000 тони шеќер годишно, а се увезуваа 53.000 тони. Сега ние произведуваме 38.000 тони, а мал дел останува за увоз, односно за манипулации – изјави Петар Костовски.
Во ваква атмосфера, продолжува расчистувањето во врска со пропаѓањето на штедилницата ТАТ. Откако е изоставен од процесот, случајот ТАТ од битолскиот се сели во охридскиот суд. Штедачите се жалат на малверзации во истражната постапка. Дел од медиумите најавуваат панихида за ТАТ.
– Ја слушнавме веста од медиумите дека се планира отслужување Панихида од битолските свештеници за погребаната вистина и правда на штедачите на ТАТ. Се згрозивме на една ваква замисла. Треба да се знае… Панихида се служи само за упокојување на душата на упокоените луѓе. Може да се направи нешто друго, да се протестира како што протестираат луѓето против газењето на таа правда и вистина, и да се каже дека и Црквата е против тоа….Се слуша дека дури 20 свештеници од Битола се пријавиле да учествуваат во служењето на оваа панихида. Тоа не е точно – го пренесува Нова Македонија неговото блаженство, архиепископот г.г. Михаил
Неодамна во сведоштво за „Република“, Љубе Трпески, поранешен вицепремиер и гувернер на НБРМ, посочи дека во деталниот список на штедачи во ТАТ имало голем број црковни лица од битолскиот регион.
Афери
Меѓу другото, државата ја тресат и афери во кои е вплеткан државниот врв.
„Сомнителна“ зделка меѓу министерот за надворешни работи и ЕСМ: „Ханџиски работел за Електростопанство за 60.000 германски марки, но не зел ни денар хонорар?!“
– Лани Електростопанство на Македонија го ангажирало Благоја Ханџиски, министер за надворешни работи и професор во мирување на Електротехничкиот факултет во Скопје, за мерење на условите на безопасност на среднонапонската мрежа во Велес и во Струмица. Таа „операција“ го чинела ЕСМ околу 60.000 германски марки. Но, во Електростопанство велат дека тоа се само трошоци за испитувањата што сами ги одредиле бидејќи Ханџиски не барал никаков хонорар. Ханџиски јавно изјави дека работел доброволно, без хонорар и не користел опрема од ЕТФ. На јавниот повик за мерењата во Велес се јавил и Факултетот, а како носител на проектот бил именуван и проф. Мито Златановски. Но, понудата на ЕТФ била одбиена. Постои ли во случајов конфликт на интереси?
„Јавни набавки во здравството: Министерството купувало раствори од помошник-министерот?“
– Ненад Поповски, помошник за фармација во Министерството за здравство, бил сопственик на претпријатието „Конзум фарм“ од Охрид, преку кое Фондот за здравство обезбедувал инфузиски раствори за државните здравствени установи – изјави Николина Трајановска од ЛДП, на седница на собраниската Анкетна комисија за јавни набавки.
Ненад Поповски во изјавата за „Дневник“ вели дека тој никогаш не бил сопственик на „Конзум фарм“, туку таму работел само како директор, и тоа до јули 1995 година кога стана помошник-министер за здравство.
Од афери не остана поштеден ниту претседателот Киро Глигоров. Неколку пати се отвораа прашања поврзани со атентатот, но и една поинаква – љубовна.
– „Наводната љубовна врска на претседателот Киро Глигоров со советничката за култура во неговиот кабинет, за што пишуваше неделникот „Денес“, и демантите што следуваа од страна на сопружниците Глигорови, се топ-тема во јавноста. Во медиумите голем простор е отстапен за одгласите во врска со аферата, но некои од нив се занимаваат и со прашањето кој стои зад поддршката на сторијата со сите можни политички импликации“.
За тоа остро реагира Стојан Андов од ЛДП, кој демантирал дека тој и неговата партија се вклучени во креирањето на аферата. Андов најавува тужба за НИП „Нова Македонија“, но и за Глигоров поради наводно учество во конструирањето текстови во НИП.
Таквата релација меѓу Андов и Глигоров во 1998 година не е за изненадување. Мирка Велиновска во интервју за „Република“ посочи на односот меѓу Андов и неговите сопартијци со Глигоров, говорејќи за „амбиентот“ на прославата во една од тогашните компании блиски на партијата, а која временски ѝ претходи на аферата „Хардрок“.
„Ханџиски молчел за исчезнувањето експлозив од Министерството за одбрана три месеци пред атентатот врз Глигоров?“
– Три месеци пред атентатот врз претседателот Киро Глигоров од Министерството за одбрана исчезнало извесно количество експлозив. За настанот се молчело до неодамна, а тој весник за молкот го обвинува и тогашниот министер за одбрана, Благој Ханџиски. Министерот Ханџиски беше еден од главните актери во аферата „Шаклев“. Тогаш некои новинари, брифирани од највисокиот државен врв, тврдеа дека некој има намера да ги скара Ханџиски и премиерот Бранко Црвенковски. Но, сега Ханџиски повторно е на тапет, а аферата повторно ја лансира токму провладиниот печат. Кој и зошто му крои капа на Благој Ханџиски?
1998 година повторно има безуспешен обид за формирање собраниска комисија за атентатот врз претседателот. „Нова Македонија“ прашува:
– „Дали истрагата е партиско прашање? Зошто на либералните демократи им требаа цели две години да ја реактуализираат иницијативата за анкетна комисија, и тоа шест месеци пред парламентарните избори? Дали СДСМ сака некого да убеди дека досега немало никакви пропусти во истрагата и дека таа тече во најдобар ред, и следствено на тоа во таа област нема што да се чепка натаму? Не треба да се бега од фактот дека атентатот е исполитизирана тема и дека неговото реактуализирање, преку разни иницијативи и предлози, не е ексклузивно право на ниедна партија. Впрочем, 30 месеци по неуспешниот обид за физичка ликвидација на претседателот Киро Глигоров, истрагата нема никакви резултати, полицијата молчи, молчат и истражниот судија и обвинителот, а од пред два дена, дефинитивно, и парламентот се определи за молчење. Оттаму до денешен ден партиите се обвинуваат една со друга, а во медиумите преку разни нови – било лажни, непотврдени, исконструирани – моменти и сознанија сè повеќе се форсира мошне опасна теза за разговор. А, крајниот резултат на сето тоа е амбиентот на општата сомничавост и несигурност меѓу граѓаните“.
Избори 1998
– Владата мисли само на себе и не ѝ е важно што ќе биде со народот – вака одговориле 47,7 проценти од анкетираните граѓани на Македонија во последното испитување на јавното мислење, во првата половина на 1998 година. Резултатите од анкетата се пренесува со наслов „Длабока економска криза во која Владата мисли само на себе“
Но, во предизборните анкети ниедна не покажува водство на опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ тогаш влегува во коалиција со новоформираната партија на Васил Тупурковски- Демократска алтернатива. За тој чекор Љубчо Георгиевски во гостувањето во „Република ТВ“ оцени дека тоа бил единствен начин да се „премости“ јазот бидејќи, и покрај сите афери со јавни набавки, ТАТ, шверц, приватизација и друго, народот не бил целосно подготвен за толкава промена на власта, односно целосна победа на самостојно ВМРО-ДПМНЕ над наследниците на комунистичкиот режим.
Зошто сдсм jа загуби власта?
Веднаш по изборите, „Нова Македонија“ анализира зошто падна СДСМ.
– Ако СДСМ остави зад себе неколкугодишен период на реформи, кои имаа висока цена од која се создадоа над 50 илјади стечајни работници, 30-процентна невработеност и преку 20-процентна сиромаштија меѓу населението, ете еден поширок круг незадоволници на кои мораше да се гледа како на глас против…. Нему (на граѓанинот) најмалку му требаше самоувереност, па и арогантност која СДСМ на моменти знаеше да ја покаже, му требаше цврсто непосредно уверување дека некој се грижи за него, дека подобрата иднина е блиску и дека ваквата цена мораше да се плати… На ова треба да се додаде и уште една вистина – во овој реформаторски период владејачката партија се компромитира со серија афери и скандали, како ТАТ, организиран криминал, јавни набавки, кои на крајот ја направија казната за СДСМ толку висока.
Кога, сепак, коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ДА, заедно со ДПА, формира Влада, многу од тогашните учесници во политичкиот процес оценуваат дека се случува пресврт – се случува вистински плуралистички чекор напред, но и сечење на врските на криминалните бизнис интереси со власта.
По смената на власта, почна да се одмотува клопчето околу тајните полициски дејствувања против оние кои не биле со власта, потоа се формираше Анкетна комисија во Собранието околу јавните набавки и низа други активности поврзани со даночните реформи и полнењето на државната каса. Тоа што остана невозможно беше ревизија на приватизацијата бидејќи целиот процес би требало да се врати на почеток. Тоа, пак, велат познавачите, би ги нарушило сите меѓународните финансиски односи на Македонија. Во таа насока Љубчо Георгиевски за „Република“ оцени дека можеби не би било сега спорно доколку тие фирми, добиени за грст пари сега, се успешни компании, но останува фактот дека поради незнаење како да се управува со нив, илјадници останаа на улица.
За тоа, пак, колкава е претрпената штета, но и колку пари во тој период се слеале во Македонија и се одлеале оттука, говори оценката која од финансиските анализи ја пренесе Мирка Велиновска: „Оваа големина, со ова население, инфраструктура и организација, со прв слој реформи, за пет години ќе беше исто што и Холандија“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Фељтон: Црните страници на УДБА – Лустрацијата – недовршен процес (Том IX)
-
Груевски: Грантови за компаниите кои ќе ги рестартираат фабриките жртви на транзицијата
-
Димовски: Државата ќе помогне да се рестартираат фирмите жртви на транзицијата
-
Фељтон: Црните страници на УДБА – Борци за независна и обединета Македонија (Том VII)