| четврток, 6 декември 2018 |

Фељтон: Црните страници на УДБА – Борци за независна и обединета Македонија (Том VII)

„Црните страници на УДБА“ е сведоштво за едно време, бурно време. Период во кој била супресирана каква било мисла што излегувала надвор од „дозволеното“ мислење на номенклатурата на власт. Дали се работело за политичко несогласување на лево, или за тоа како се практикувала тогашната идеологија на КПЈ или, многу почесто за чиста македонска промисла, сеедно, сите биле цел. И најголем дел од нив имале формирани досиеја од тајната југословенска/македонска полиција. Од тие досиеја подоцна се ваделе материјали за прогон, кој завршувал со политичка, а често и со физичка ликвидација. Воопшто не било благопријатно да се биде неистомисленик

Седмиот том од едицијата „Црните страници на УДБА“, насловен како „Борци за независна и обединета Македонија“, е поделен во три дела и опфаќа лични досиеја на 12 лица, поместени на 2.669 страници. Заедничко на сите овие луѓе е што се залагале за решавање на македонското прашање, не парцијално, ами во целина, преку создавање самостојна, обединета и независна Македонија во нејзините природни граници, односно тие пред 1913 година. Тајните служби овие лица најчесто ги поврзувале со линијата ВМ – ванчомихајловисти, што се користело како причина за следење и можност за кривично гонење токму под превезот на оваа линија на работа. Сепак, евидентно е дека овие лица биле основачи или припадници на ВМРО групи и организации, а со своето истапување во општеството биле етикетирани како националисти, шовинисти и слично.

 

1.
Дане Поповски – роден 1931 година од Царев Двор. По занимање земјоделец, осуден 1950 година на две години затвор поради непријателска работа по линија на ванчомихајловизам и заземање раководна улога во таква група. Во 1956 година е обвинет за кривично дело непријателска пропаганда по член 118 од Кривичниот законик, по што е осуден на петгодишен затвор.

arhiv220-dane-popovski_1102114548_001_page_083-copy

arhiv220-dane-popovski17185-3_page_047-copy

 

2.
Левко Џамбазовски – роден 1937 година во Демир Хисар, по занимање работник на административни работи. Линии на работа од страна на тајните служби: македонски национализам и шовинизам. Се јавува како припадник на следниве категории: македонски националист (шовинист, сепаратист и хегемонист), автор на повеќе пароли и летоци, организатор и раководител на илегална организација. Осуден на 5 години поради манифестирана непријателска дејност. Во 1956 година создал младонационалистичка група од средношколци, која имала цел обединување на трите дела на Македонија во една самостојна држава.

arhiv220-lefko-dzambazovski-2-copy

arhiv220-lefko-dzambazovski-4-copy

 

3.
Константин Терзиев – роден во 1886 година во Кукуш, Егејска Македонија. Работел како службеник, а е обвинет дека работи под директна линија на Ванчо Михајлов. Раководи и организира вмровски окружни и месни разграноци на терористичката организација на Ванчо Михајлов. Службите го воделе поради работи на непријателска пропаганда, пишување разни летоци за самостојна Македонија под закрилата на САД. Обвинет е како припадник на терористичката организација на ВМРО и осуден на смрт со стрелање и конфискација на целиот имот.

arhiv220-konstantin-terziev_page_188-copy

arhiv220-konstantin-terziev_page_011

arhiv220-konstantin-terziev_page_191-copy

arhiv220-konstantin-terziev_page_192-copy

arhiv220-konstantin-terziev_page_007

arhiv220-konstantin-terziev_page_010

arhiv220-konstantin-terziev_page_009

 

4.
Димитар Велев – роден 1937 година во Драма, Егејска Македонија, а по занимање инженер, кој живее во Скопје. Се јавува како припадник на категориите: извршител на усна непријателска пропаганда, македонски национализам и шовинизам. Уште од 1974 година испитуван поради нацоналистичко-сепаратистички истапи за обединување на Македонија.

 

5.
Добре Талески – роден 1963 година во Прилеп. Се јавува како припадник на следниве категории: учесник во младонационалистичка група, автор на пароли и летоци, извршител на усна непријателска пропаганда. Осудуван на две години затвор. Линија на работа македонски национализам и шовинизам. Како ученик во средно индустриско училиште бил опфатен во младонационалистичка група наречена ТВМОТРО (тајна внатрешна македонско-одринско-тракиска револуционерна организација) формирана од С. Илиески и Д. Јовановски во Прилеп. Активен учесник во растурање летоци и пароли со непријателска пропаганда.

 

6.
Киро Мојсовски – роден во 1949 година во Кичево, Македонија. По занимање учител, кој живее во Кичево и учесник во младонационалистичка група. Линија на работа: македонски национализам и шовинизам. Манифестирана непријателска пропаганда уште од 1968 година, каде што учествувал во младинска националистичка група која имала цел да се бори за обединување на трите дела на Македонија и создавање самостојна држава. Поради тоа, во 1969 година е повикан на разговор за да го предупредат за своето истапување и однесување.

 

7.
Љубомир Илиевски – роден 1940 година во Скопје, с. Горно Лисиче. Занимање бравар. Се јавува како припадник на следниве категории: учесник во младонационалистичка група. Линија на работа македонски национализам и шовинизам. Манифестирал непријателска дејност и уште од 1974 година почнал да истапува националистички. Во колективот „Раде Кончар“, каде што работел, го викале патриот. Националист кој бил за обединување на трите дела на Македонија по пат на вооружена борба. Во 1977 година бил приведен и предупреден. Имал контакти со ванчомихајловистичка емиграција во Брисел.

 

8.
Славе Васовски – роден 1931 година во с. Теарце – Тетовско, живее во Скопје. Работел како просветен работник, а потоа во службата за државна безбедност каде што и во 1980 година е пензиониран. Работел за обединување на трите дела на Македонија. Во 1971 година фрлил експлозивна направа во дворот на грчкиот конзулат во Скопје. Учесник во терористичка група која сакала да постави експлозиви на повеќе локации, ИВЗ, ГГК, ФКЦ, мостот на булеварот „Југославија“ и претставништвото на весникот „Политика“. Осуден на 5 години затвор по кривично дело здружување поради непријателска дејност по член 136 од Кривичниот законик и тероризам по член 125, а казниво според член 139, став 1 од Кривичниот законик.

 

9.
Спасе Пиличков – роден 1943 година во Скопје – с.Петровец. По занимање лектор и живее во Скопје. Се јавува како припадник на следниве категории: учесник во младо -националистичка група, која имала за цел признавање на правата на Македонците во Пиринска и Егејска Македонија. Во 1962 година бил викнат на разговор и биле превземени мерки против него.

arhiv220-spase-pilickov-1-copy

arhiv220-spase-pilickov-2-copy

 

10.
Тодор Велков – роден 1928 година во Велес. Работел како службеник во „Караорман“, живеел во Скопје. Се јавува како припадник на следниве категории: раководител – член на повоена ванчомихајловистичка организација, автор на пароли и учесник на кинење знамиња. Судско-административни мерки: осуден на 6 години затвор. Линија на работа: македонски национализам и шовинизам. Уште во 1946 година како ученик во средно училиште станал член на националистичка група, која имала цел создавање самостојна и обединета Македонија.

 

11.
Васил Марковски – роден во 1939 година Костурско, Егејска Македонија. По занимање правник, живеел во Скопје. Бил припадник на следниве категории: извршител на непријателска пропаганда, линија на работа македонски национализам и шовинизам. Како средношколец бил вклучен во младонационалистичка организација, а од 1971 година истапувал по националистичка основа.

 

12.
Митко Анастасовски – роден 1926 година во Костурско, Егејска Македонија. Работно место – учител, а живеел во Скопје. Се јавувал како припадник на следниве категории: учесник во младонационалистичка група. Линија на работа од страна на тајните служби: македонски национализам и шовинизам. Припаѓал на непријателска организација која имала цел да се бори за самостојна и обединета Македонија. Судско -административни мерки кои му се изречени: осуден на три години затвор.

arhiv220-anastasovski-mitko_page_01-copy

arhiv220-anastasovski-mitko_page_27-copy

arhiv220-anastasovski-mitko_page_35-copy

 

Текстот е објавен во 220 број на неделникот „Република“, 18 ноември 2016 година

Во соработка со Државен архив на Република Македонија
Стручен консултант: Д-р Филип Петровски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top