Заедно со Законот за отворање на политичките досиеја во 2000 година, до Собранието на РМ беше доставен и Предлог-закон за утврдување на соработката на лица што се носители на јавни функции, нешто што требаше да значи и почеток на лустрацијата во Република Македонија. Но, тој ќе остане во пратеничките фиоки и никогаш нема да се најде на дневен ред на собраниска седница.
Се чини дека 2006 година и донесувањето на Резолуцијата 1481 на Парламентарното собрание на Советот на Европа малку ќе ги подотвори вратите за конечно спроведување и на процесот на лустрација во земјата. Притоа, како законска основа ќе послужат Резолуцијата 1096, решенијата и препораките од регионалниот проект Разоткривање на скриената историја: Лустрацијата во земјите од Западен Балкан, како и компаративните искуства и мерки од поранешните комунистички земји, кои веќе ја имаа или сѐ уште ја спроведуваа лустрацијата. По речиси двегодишна дебата, Собранието со општ политички консензус ќе го донесе Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција на почетокот на 2008 година, а изборот на членовите на Комисијата за верификација на фактите ќе дојде речиси една година подоцна. И веднаш мора да се каже дека Законот за лустрација ќе биде еден од најконтроверзните, најоспорувани и ќе биде изложен на најмногу манипулации, пред сѐ од страна на невладиниот сектор. Зашто, постигнатиот општ политички консензус не само за потребата од донесување на законот, туку и оценката дека во Република Македонија и по донесувањето на Уставот во 1991 година немало изградени демократски институции, кои ќе бидат способни да ја чуваат и бранат новопројавената и сѐ уште кревка демократија, ќе го оспорат и нарушат невладините организации, кои никогаш не можат да бидат задоволни од степенот на развој на демократијата и заштитата на човековите права и слободи во едно општество. А, за ова, секако, свој придонес ќе даде и Уставниот суд на Република Македонија, додека опозицијата, во обид да дојде до ситни дневно-политички поени, ќе има улога само на политички декор.Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција во 2009 година и во 2011 година ќе претрпи мали, дополнителни промени. Со првите ќе стане професионален статусот на членовите на Комисијата за верификација на фактите и периодот на времетраење на Законот ќе биде продолжен двојно, од пет на десет години. Суштината на вторите промени се сведуваше на три сегменти. Прво, на процесот на лустрација сега ќе треба да подлежат и поранешните носители на јавни функции, кои не се починати, второ, временскиот опфат на процесот се сведе до стапувањето на Законот во сила и трето, имињата на функционерите, кои од разни причини не доставиле нотарски заверена изјава за несоработка со поранешните тајни служби, да не можат по автоматизам да бидат објавувани во „Службен весник“.
Наспроти ова, Законот, а со тоа и членовите на Комисијата за верификација на фактите и натаму ќе останат предмет на напади, дискредитација и манипулации. Во речиси тригодишниот период на спроведувањето на лустрацијата на површина ќе ги изнесе и практичните слабости, што фактички го правеа Законот речиси целосно нефункционален. Не само затоа што членовите на Комисијата за верификација на фактите ќе чекаат одговори од четирите надлежни институции – ДАРМ, Управата за безбедност и контраразузнавање, Агенцијата за разузнавање и разузнавачката служба и Министерството за одбрана, што фактички значеше дека лустрацијата индиректно ја вршат тие, а не Комисијата, туку за прогласување соработник беше неопходно да се поседува и писмена изјава за согласност. За волја на вистината, такви изјави има низ досиејата, но само во тие со постар датум, некаде до средината на 50-тите години од веќе минатиот век.
Дури со донесувањето на вториот закон, односно на Законот за определување услов за ограничување за вршење јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност во јуни 2012 година, и практично почна вистинскиот процес на лустрација. Зашто, членовите на Комисијата за верификација на фактите, конечно, имаа директен увид во политичките досиеја предадени во Државниот архив на Република Македонија. Ова, пак, можеби нормално и очекувано, беше повод за целосна политизација на процесот и негово ставање во дневно-политички контекст, наводно, како обид за пресметка со политичките неистомисленици на власта.
Со почетокот на објавувањето на незаконски здобиените прислушувани телефонски разговори од страна на опозицијата на почетокот на 2015 година, што значеше и наметнато и исценирано влегување на државата во политичка криза, во август истата година Собранието на РМ го донесе Законот за престанување на важење на Законот за определување на услов за ограничување за вршење јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност. Со него, практично, престана процесот на лустрација зашто мандатот на Комисијата се ограничи до 1 септември 2017 година, период во кој таа не смее да почнува нови постапки, а за веќе почнатите предмети, кои се наоѓаат пред надлежните управни судови, ќе важат одредбите од вториот закон за лустрација. По нивното конечно завршување, Комисијата за верификација на фактите на Собранието на РМ треба да му достави конечен извештај, со што завршува и нејзиниот мандат, а целата документација му се предава на Државниот архив на Република Македонија.
Томот IX е поделен во 2 дела, на 2.034 страници и ги содржи следниве лица:
- Алија Ахмеди
- Беџет Беџети
- Благоја Азески
- Благоја Иванов
- Божидар Кулевски
- Божин Павловски
- Боро Дракулевси
- Бранко Цветков
- Васил Костојчиновски
- Васил Тоциновски
- Владимир Милчин
- Властимир Видоевски
- Властимир Јовановиќ
- Драги Билески
- Ѓорѓи Видов
- Ѓорѓи Гудев
- Ѓорѓи Тоновски
- Ѓорѓи Спасов
- Ѓунер Исмаил
- Живко Ѓеоргиевски
- Зоран Јовановски
- Иван Бабамовски
- Иван Катарџиев
- Јадранка Костова
- Јован Трпеновски
- Јорданчо Чеврески
- Кирил Псалтиров
- Коста Балабанов
- Кочо Битуљану
- Крсте Пендаровски
- Љубе Чкламовски
- Љубомир Георгиевски
- Љубомир Фишиќ
- Љубомир Фрчкоски
- Махи Иса Нехими
- Милован Стефановски
- Мирко Јован Буневски
- Михаил Јанушев
- Михајло Костуранов
- Наум Начевски
- Никола Ѓончески
- Никола Костурски
- Никола Темелковски
- Николче Бабовски
- Паскал Гилевски
- Петар Карајанов
- Петре Крцоски
- Петре Наковски
- Растислав Терзиоски
- Сејфедин Назми Хајруни
- Сиљан Аврамовски
- Слободан Богоевски
- Слободан Катушевски
- Слободан Угриновски
- Стеван Павлески
- Томе Серафимовски
- Томислав Чокревски
- Трајан Петровски
- Трајко Батанџиовски
- Трајко Огненовски
- Џемо Јашари
1. Владимир Милчин, роден на 29.4.1947 година во Скопје. По занимање режисер, член на Сојузот на комунисти, се води под псевдонимот Драматург од 1976 година. Заведен заради основи на сомнение дека дејствува од позиции на учество на студентски протести, во 1968 година во Белград учество во основање на весникот „Фокус“ и во позиции на граѓанска десница. Дерегистриран во 1987 година, но останува во оперативна позиција на СДБ, за следење на активностите на ПОО и на лица што се безбедносно интересни за службата.
2. Иван Бабамовски, роден на 2.10.1941 година. Бил наредбодавец и се послужил со информации од тајните соработници. Во повеќе досиеја постојат документи од кои се гледа дека тој дејствувал вршејќи ја својата функција и одобрил работи со кои се кршени основните слободи и права на граѓаните, а во тоа и тој активно учествувал. Сето тоа се гледа од личните досиеја: бр.25793, бр.17185, бр.7641, бр.3804, бр.12286, бр.9423, бр2877, бр.20479, бр.6002, бр.3227, бр.1557, бр.20570 итн. Од примерот во увид во само едно досие со бр.15508 било утврдено дека досието било водено против лице кое истапувало од македонски национализам, ВМРО и на линија за самостојна и обединета Македонија. Комисијата за верификација на фактите решението за Иван Бабамовски го донесе на 28.3.2014 година.
3. Љубомир Фрчкоски, роден на 2.12.1957 година, професор на Правниот факултет во Скопје. Се утврди дека како министер за внатрешни работи во Владата на Република Македонија во периодот 1992-1996 издавал наредби или одобрувал дејствување за тајна контрола на телефони и телекомуникациски средства, следење, набљудување, прислушкување и озвучување лица, како и добивање информации за одредени лица при формирање одредена политичка партија. Во повеќе лични досиеја, на пример со бр. 26281 и лично досие бр.25881 постои решение за примена на мерка тајна контрола на телефон. Од тие документи се гледа дека во донесувањето на одлуките се прекршувани основните права и слободи на граѓаните.
4. Слободан Богоевски, роден на 10.12.1951 година. Како потсекретар во СДБ, бил наредбодавец и корисник на информациите. Во неколку лични досиеја на други лица постојат документи дека вршејќи ја својата функција наредил или одобрил дејствувања со кое се кршени или ограничени основните слободи и права на граѓаните. Од 17 ноември 1992 година почнал во претходна обработка ПО и оперативна обработка ОО, и од партиски причини. Наредил следење, снимање, фотографирање, прислушување на лицата од личните досиеја со бр.3804, бр.26447, бр.26430, бр.26448, бр.26492, бр.26529, бр.26514, бр.26524. Сето тоа било спроведувано поради нивните ставови, кои биле спротивни на тогашната политика на владеење и работа. Тие биле дискредитирани и прикажувани како непријатели на Македонија, а сето тоа бидејќи тие биле припадници и приврзаници на една партија.
5. Томислав Чокревски, роден на 11.12.1934 година. Како министер за внатрешни работи во Владата на Република Македонија во периодот 1996-1998 издавал наредби или одобрувал дејствување за тајна контрола на телефони и телекомуникациски средства, следење, набљудување, прислушкување и озвучување на лица. Постојат следниве документи: материјал од Дирекцијата за безбедност и за контраразузнавање од времето кога министер на МВР бил Томислав Чокревски, ев.бр09-292 од 7.2.2001 година, доставено од Извршниот комитет на партијата ВМРО-ДПМНЕ до Анкетната комисија за заштита на човековите права и слободи при Собранието на Република Македонија, од две страни, со кои укажуваат дека биле спроведени оперативни технички мерки, кои ги применувало СДБ (ДБК) спрема ВМРО-ДПМНЕ од 4 страници; Информација ЕВ.БР.233,ОД 21.02.1997, Информација ЕВ.БР 239, од 24.02.1997 година од 2 страници, Информација ЕВ.БР 309, Информација ЕВ.БР 14-693, Информација ЕВ.БР 14-694, Информација ЕВ.БР 14-1053 од 10.9.1997 година. Од документот за оперативно техничко мерки се гледа дека кон повеќе лица – членови на партијата ВМРО-ДПМНЕ се применувале мерки тајно следење, набљудување и документирање, како што се самото седиште на истата партија (чијшто псевдоним е Темел), следење на претседателот – Љубчо Георгиевски (Мона Лиза), потпретседателот Доста Димовска (Дама), Филип Петровски (Марта), Александар Флоровски (Паун) итн. Од тие документи се гледа дека во донесувањето на одлуките се кршени основните права и слободи на граѓаните. Комисијата за верификација на фактите решението за Томислав Чокревски го донесе на 19.9.2013 година.
Текстот е објавен во 222 број на неделникот „Република“, 2 декември 2016 година
Во соработка со Државен архив на Република Македонија
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.