Нова кривична пријава за екс градоначалникот на општина Охрид, Александар Петрески, за злоупотреба на службена положба и овластување.
СВР Охрид го товари дека од декември 2012 до март 2013 година, во својство на градоначалник на ЕЛС општина Охрид, со намера да се стекне со што поголемо општествено влијание како кандидат за Градоначалник на општина во пресрет на Локалните избори 2013, спротивно на Законот за работни односи противправно склучил сто шеесет и пет договори за времени вработувања и вработувања со договори на дело без за тоа да постои било каква оправдана или издржана потреба. Тоа го направил без претходно да има соодветни писмени барања од страна на раководителите на сектори и другите организациони единици во рамките на општинската адмистрација, без да постои соодветна систематизација донесена во законска пропишана постапка и без да биле обезбедени доволно средства во буџетот на општината Охрид. Со оваа постапка се надминале предвидените буџетски средства за 1.146.542 денари во 2012 година и за 2.297.574 денари во 2013 година. Со тоа пријавениот ги пречекорил границите на неговите службени овластувања и ги прекршил одредбите од Законот за работни односи, со што и нанесол вкупна материјална штета на ЕЛС општина Охрид во износ од 5.650.496 денари. Од вкупниот број на изготвени и потпишани договори за времени вработувања и договори на дело од негова страна, на работни места со работни задачи и задолженија согласно потпишаното се јавувале само дваесет и три лица, додека останатите сто четириесет и пет лица воопшто не оделе на „работните места“.
Во периодот од 2008 до 2012 година, во период кога сметката на општина била блокирана со судски решенија, пријавениот А.П. вршел фиктивни вработувања на лица во туристичкото биро “Лихнидос“ ДООЕЛ од Охрид. Тој, со цел исплата на плати за таквите противзаконски вработувања во ТБ „Лихнидос“, од управителите кој тој лично ги избирал и назначувал во претходен меѓусебен договор, побарал истите врз основа на фиктивни т.н. „договори за деловна соработка“ да изготват вкупно 44 фиктивни фактури за извршени услуги во вкупна вредност од 5.819.300 денари. Таквите фиктивни фактури тие ги доставувале до пријавениот Петрески, кој во својство на градоначалник на општината, „приоритетно“, односно веднаш давал налог за нивна исплата. На тој начин, пријавениот Петрески го сторил кривичното дело за кое се товари, а по основ исплата на фиктивните 44 фактури, предизивикал материјална штета на буџетот на ЕЛС општина Охрид од 5.819.300 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.