| четврток, 6 декември 2018 |

Скопје, Калкута

Будимка Поповска

Будимка Поповска

Што е разлика помеѓу кредит и заем?

Кредо, значи верувам.

Донација е средна вредност помеѓу данок и мито.

Мислам, значи постојам. Двосмисленоста го удвојува постоењето.

Не мислам, значи вежбам некоја martial art.

Така, кредит значи некој друг верува во мене. Денес, кога ми го дава кредитот, започнува неговото верување. Истекува во зависност од рокот за враќање. Во мигот кога зрнцата песок во горната пирамида на часовникот ќе се потрошат, и кредитот ќе треба да се врати, имаш две опции на располагање – или го враќаш кредитот или одиш во затвор.

Најсвеж пример за тоа се грчките острови во Егејско Море и кредитите што државата ги добивала од Европската унија децении наназад. Зошто е лесно да се земе, а тешко да се врати?

Современото робување е многу понапреден систем денес од кога било пред тоа. Денешните робови не одат со окови на нозете, туку во верувањата. За среќа, свеста е лесна како пердув и секој обид да Ѝ се врзат окови завршува без успех. Ем среќата ем свеста си остануваат слободни во својата необврзност.

Во антиката ропството било легално. Во комунизмот учевме дека сите се еднакви пред законот. Еднакви, значи слободни. Робови значи пролетери. Нива, значи фабрика. Крава, машина. Во христијанството велат дека сите се деца на истиот татко. Само малку раскарани меѓу себе. Во јудаизмот само избраните се деца. Во исламот е истото само со арапски призвук.

Токму затоа хиндуизмот внесува малку свежина со својата „празнина“. Пред некој ден во една продавница во ГТЦ пазареше еден турист-хинду. Кога заврши процедурата на „каса прими“, тој учтиво си ја побара сметката. Касиерката за малку што не му удри бокс. Сите се еднакви пред „каса прими“. А касиерката е закон. Туристот покажа разбирање во вид на нирвана „диши-издиши“ и на самото место примени нон-персонал свесност. Не покажа никаква емоција, културно се извини за хистеричниот испад на средовечната тетка којашто својата депресија ја камуфлира со црвен лак за нокти и гледање од високо.

За миг се двоумев дали да го побарам шефот, но си реков, има господ, т.е. скриена камера, или барем некоја од колешкиве ќе му реферира на одговорниот… а можеби едноставно не Ѝ е денот…

Оти, нели, парадоксално но вистинито – можеш да си гад само кога си мек по природа и можеш да си мек само ако знаеш да бидеш гад по потреба!

Речиси во истиот миг сфаќам дека низ центарот на градот се движат повеќе странци отколку домицилно население по глава на споменик, и дека касиеркиве веќе се толку навикнати на англиски со индиско-француско-турски нагласок, што воопшто не те рецкаат два посто, па да си паднат директно од Марс! Сеедно ќе те начекаат на истото тврдо перниче, што се надувува при секој обид да ја провериш нивната љубезност… т.е. да им го дадеш данокот на додадената вредност.

…Или, сепак, туристот само во туѓина може да ја сфати старата маалска мудрост дека ако пророкот не е омилен во својот град, едвај нешто да останува за другите градови! Затоа на никого не му е чудно што најпознатата скопјанка на сите времиња, Мајка Тереза – решила да ја дувне дури во Калкута – тоа се само 6.477 км оддалеченост од Скопје. Ако го одиш пешки и ако тргнеш од Stone Bridge во понеделник по средно европско време, можеш да стасаш по само шест месеци умерено пешачење, откако еднаш ќе излезеш од матичната временска зона.

Според „Гугл“, во истата временска зона најоддалечени дестинации од Скопје се Чатам Островите на Нов Зеланд, 18.539 км.

Загатката на постоењето е далеку поедноставна од сите компликувани обиди да се реши. Секој си има свој личен ребус и не постои универзално решение коешто може да се препише од другиот со ѕиркање! Како во приказната за таткото, трите сина и нелогичниот тестамент којшто всушност имал задача да ги поттикне закоравените умови на комформистите да научат што значи креативно мислење – токму тоа! Изнаоѓање решение таму каде што го НЕМА. Оти, лесно е да го најдеш кога го има. Ама ај создај го ако можеш, да те видам…

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top