Владата на Индија реши да го олесни режимот за добивање виза, па државјаните од 43 земји во светот индиската виза да може да ја подигнат при влегувањето во земјата, место како досега да мора да аплицираат во некое од индиските конзуларни претставништва.
Намерата на владата во Њу Делхи е со овој потег да се поттикне туризмот во Индија и да се зголеми бројот на странските посетители.
Новиот режим за добивање виза се однесува за државјаните од САД, Австралија, Бразил, Германија, Јапонија, кои место да чекаат во ред, ќе може да аплицираат преку интернет, а визата за туристички патувања, за посета на роднина или пријател, или за лекување, влезната виза ќе може да ја подигнат на некои од аеродромите во Индија, при пристигнувањето во оваа земја.
Визите ќе може да се подигнат на само девет главни индиски аеродроми.
Со ова олеснување се опфатени и државјаните на уште 38 други држави, најголемиот дел од нив од реонот на Југоисточна Азија и Океанија. Од земјите на Блискиот Исток се опфатени Јордан, Оман, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Израел и Палестина. Од африканските земји, само две-Кенија и Џибути, додека од Европа, покрај Германија, уште и Финска и Норвешка, Луксембург, како и Русија и Украина.
Индискиот министер за туризам, Махеш Шарма изјави дека со оваа мерка, Владата има намера да му покаже на светот дека Индија се отвора кон светот.
Според податоците на Министерството за туризам, во 2012 година оваа голема азиска земја ја посетиле 6,2 милиони странски гости.
Тоа претставува пораст во споредба со претходните години, но е значително помалку од бројот на туристите и гостите што истата таа година ги посетиле помалите азиски и јужноазиски земји, или земјите какви што се Тајланд и Малезија.
Претходно, државјаните од само 12 земји во светот можеа да добијат индиска виза при влегувањето во Индија. За сите другите, кои не се меѓу определените 43 држави, останува досегашниот режим на аплицирање. За индиска виза обично се чека по неколку недели.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.