Министерот за здравство Никола Тодоров, во рамки на работната посета на Франција, денеска оствари средба со раководството на Клиничкиот центар во Тулуз, меѓу кои директорката Бенедикт Моте, и шефот на одделот за трансплантација, проф. Лионел Ростинг.
На средбата е договорено упатување на доктори од Република Македонија, од различни медицински области и специјалности, на обука и специјализација во Клиничкиот центар во Тулуз. За почеток, македонските доктори ќе престојуваат на едномесечна или двомесечна едукација во овој реномиран медицински центар.
Воедно, на средбата се разгледани можностите за ангажирање пензионирани професори од Франција од различни медицински области, да престојуваат во Република Македонија, со цел да го пренесат стекнатото знаење и искуство во насока на унапредување на методите во јавното здравство во РМ, воведување нови методи, како и целокупно унапредување на квалитетот на здравствени услуги.
Во Клиничкиот центар во Тулуз се третираат околу 200 илјади пациенти на годишно ниво, а во делот на медицинска нега, превенција, како и истражувачка дејност, ангажирани се околу 3.500 доктори и речиси 10 илјади лица од медицински персонал.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.